| четврток, 6 декември 2018 |

Бедем: Веднаш да се повлече одлуката за Харадинај

bedem

Здружението на безбедносните сили Бедем ја осудува едностраната одлука на советниците – Албанци во Советот на општината Тетово за прогласување на Рамуш Харадинај за почесен граѓанин.

„Тоа претставува директна атака на мултикултурализмот и соживотот и врши груба мајоризација на волјата на граѓаните на општина Тетово од неалбанска етничка припадност. Сметаме дека Советот на општина Тетово треба да ја преиспита ваквата одлука и да ја повлече, дотолку повеќе што Рамуш Харадинај со ништо не ги задолжил граѓаните на Тетово да биде прогласен за почесен граѓанин. Во Тетово не живеат само Албанци. Во Тетово живеат и Македонци и Срби и Турци и Власи и Роми и Бошњаци. Оттука одлуките на Советот треба да ја одразуваат волјата на сите нив“, вели Бедем во денешната реакција.

Советниците-Албанци, како што вели Здружението, наместо во пресрет на локалните избори да донесуваат дневнополитички одлуки што ги разединуваат граѓаните, треба да се зафатат со решавање на горливите проблеми што секојдневно ги мачат сите, без разлика на нивната етничка припадност.

„Бедем останува доследен на своите принципи и и понатаму ќе се залага за почитување на правниот поредок и угледот на државата и нема да го премолчи газењето на честа на кој било граѓанин и на Република Македонија“, порачуваат бранителите од Бедем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top