| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши 8. конференција на пратениците од ЈИЕ

Успешно заврши осмата конференција на парламентарните комисии за европски прашања на државите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација од ЈИЕ – КОСАП што се одржа денеска во Скопје. Едногласно и без ниту една
забелешка беше усвоена завршната изјава од сите присутни делегации.

Одржувањето на конференцијата, заклучија пратениците од земјите од ЈИЕ, е јасен доказ дека меѓупарламентарната соработка на земјите од регионот оди по нагорна линија со што практично се реализираат препораките на Солунската агенда.

Срѓан Поповиќ, член на Комисијата за европски интеграции на Парламентот на Црна Гора истакна дека Македонија има постигнато високо ниво на усогласеност и оти врши понатамошни обиди за да ги задоволи сите обврски во ЕК.

– Има посочено дека политичките критериуми се исполнуваат во доволна мерка и по петти пат се препорачува почнување на преговори. На тој начин ќе се создаде непходната иницијатива, односно потстрек за решавање на другото прашање со името – рече Поповиќ.

Евроамбасадорот Аиво Орав посочи дека ЕК и нејзината стратегија за проширување од 16 октомври ги дефинира клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и од Турција.

– ЕК смета дека од клучна важност е овие предизвици да се решаваат сега, а не подоцна. Во контекс на сегашниот состанок на КОСАП, во Стратегијата се потенцира важноста на зајакнување на демократските институции со цел да се обезбеди целокупна поддршка на овие институции. Од клучна важност е да вклучите демократски начела и европските
вредности да се вметнат и да се вградат во функционирањето на државата – рече Орав.

Додаде дека се потребни соодветни платформи за интеграција во ЕУ. Потребни се, како што рече, дополнителен напредок во реформата на Изборниот закон, парламентарното работење и граѓанскиот сектор. Граѓанското општество мора да добие и
една поголема улога во демократскиот процес.

– Стратегијата за проширување правилно го идентификува владеењето на правото, како нешто што се наоѓа во центарот на процесот на проширување. Тоа значи дека државите треба да ги решаваат прашањата, како што се судските реформи и борбата против организираниот криминал и корупцијата уште на самиот почеток, во текот на преговорите. Развојот на соодветни резултати на овие реформи е од клучна важност за да се увериме дека истите реформи ќе бидат вградени целосно во системот и нема да се влошуваат работите – додаде Орав.

Евроамбасадорот ја повтори потребата дека сите држави во основа треба да извршат детална анализа на економското управување и работење. Тоа е особено за земјите од Западен Балкан, каде во ниту една од овие држави нема целосно функционирачка пазарна економија.

– ЕУ бара од земјите и од Турција да преземат дополнителни реформи со цел да се обезбедат и гарантираат заедничките вредности и начела врз кои се заснова ЕУ. Почит на основните права мора да постои во пракса и тоа како што е предвидено со Законот. Истото се однесува и на начелото на слободно изразување и заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, вклучувајќи ги тука и Ромите. Поцврсти мерки потребни се за да се заштитат другите ранливи групи од дискриминација, а особено врз основа на сексуалната ориентација. Конечниот елемент потенциран во Стратегијата за проширување е развивањето на добри соседски односи што се смета како клучен елемент за процесот на стабилизација и
асоцијација – рече Орав.

Додаде дека регионалната соработка треба дополнително да се зајакне, да биде сеопфатна и да ги вклучи сите. Комисијата, како што истакна, ја поддржува работата во рамки на процесот за соработка во ЈИЕ, како и Регионалната стратегија до 2020 година.

– ЕУ секогаш е покрај вас како партнер за да ви помогне да ги надминете или решите овие предизвици. Меѓутоа не можеме ние да ја завршиме вашата работа. По финансиската помош од ЕУ, која е исто така важна, но таа самостојно не може да ги реши сите овие прашања. Затоа е потребно постоење на политичка волја, храброст и целосна посветеност. Потребна е
и поддршка од целокупното општество – рече Орав.

Она што гарантира демократија и што е навистина потребно, според него е, силен Парламент, независен од извршната власт, Парламенти кои ги оспоруваат и ги испрашуваат одлуките на Владата и донесуваат најдобри закони.

– За жал резултатите не секогаш се извонредни, па така секој од гласачите, кандидатите на избори и парламентарците мораат да се обезбедат дека демократијата е тука присутна и оти функционира. Не треба да се обидуваме само за добра пракса, туку да постигнеме најдобра пракса. Да се биде втор во оваа трка во светот, едноставно не е доволно добро – рече Орав.

Според претставникот од Македонија Гордан Георгиев, регионалната соработка е важна.

– Клучното прашање кое што си го поставуваме сите е дали ЕУ во овој момент има волја за проширување. Сите експецитни изјави од страна на високи претставници на ЕУ и од евроамбасадорот Орав кажуваат дека се уште има волја и оти се уште е важно за ЕУ, да се интегрира и Западниот Балкан. Мислам дека тоа ниво на волја не е исто како што беше со Бугарија и Романија, каде што имаше експлецитна цел, па дури не е исто ни со Хрватска – рече Георгиев.

Според него, Македонија и другите земји треба максимално да се фокусираат на копенхашките критериуми – корпус на демократија, владеење на правото и функционално пазарна економија и правна сигурност.

Евроамбасадорот Орав додаде дека навистина барањата и условите на ЕУ се менуваат бидејќи, како што рече, ЕУ постојано се развива и еволуира.

– Јасно е дека новите земји што се приклучуваат, за нив има повеќе работа. Треба повеќе нешта да направите. Политиката за проширување на ЕУ не е една и единствена, тоа е една од најуспешните политики на ЕУ досега. Проширувањето на ЕУ продолжува и најдобар пример е и Хрватска која се приклучи кога зборувавме за заморот од овој процес на проширување. Комесарот за проширување Филе и неговите вработени или околу 100 луѓе, се вашите сојузници и се таму за да ви помогнат што повеќе, но и вие треба нив да им помогнете. Чујте кои се позитивните коментари и потоа работите ќе тргнат на подобро – додаде Орав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top