Сите пописни листи кои досега се доставени на полициските службеници се различни, па затоа вчера утро МВР го блокираше музејот и испрати свои тимови кои детално ќе го прочешлаат депото и конечно точно ќе утврдат што е украденo, објавува „Вечер“.
Вработените во Музејот на Македонија вчера не дојдоа на работните места, бидејќи полицијата го блокираше музејот и испрати свои тимови кои ќе треба точно да утврдат што е украдено од депото. До кога ќе трае полициската проверка од МВР не можеа точно да кажат, но најавија дека ќе се испитува и проверува до најситен детал.
Кустосите, но и сите други вработени, имаа задача и одреден временски рок да направат попис на артефактите за кои биле задолжени, да утврдат што недостасува и потоа списокот да го достават на инспекторите од МВР. Ова беше сторено и делумно испочитувано, но при проверката полициските инспектори утврдиле дека сите доставени пописи се разликуваат како по бројот на предметите што недостасуваат така и по самите предмети. Така, во еден попис пар обетки се пријавени дека се украдени за во следниот да стои дека се складирани во депото.
– Во текот на истрагата добивме различни пописи на предмети кои наводно недостасуваат. Затоа вчера полициските тимови, по добиена наредба од истражен судија, влегоа во музејските простории за од прва рака да се уверат што точно е украдено. Тоа е причината за зголемено присуство на полицајци пред и во музејот. Намерата ни е да бидеме сигурни во фактичката состојба во музејот која ќе биде веродостојна и финална, изјави министерката Јанкулоска.
Последните информации кои МВР не сакаше да ги потврди е дека од музејското депо се украдени 166 артефакти-предмети, накит и оружје, претежно од античкиот период и ископани на локалитетите Стоби и Исар Марвинци. Со овој број скандалот добива страшни размери, бидејќи недостасува дел од културното наследство кое е од непроценлива вредност и важност за државата.
Неофицијално, мали се шансите дека нешто од украденото богатство ќе биде најдено и вратено и се поверојатно е дека веќе е изнесено надвор од државата и продадено на нелегални аукции. Според познавачите, овие предмети можат да достигнат вредност од десетина до неколку стотици илјади евра.
Од МВР веќе најавија дека сите вработени во Музејот, но и надворешни соработници и лица кои иако не биле овластени имале непречен пристап во музејското депо ќе бидат подложени на детектор на лаги. Полиграфското тестирање сигурно ќе ги открие учесниците во овој скандал.
Кражбата беше откриена кога двајца кустоси подготвувајќи ја преселбата на Археолошкиот музеј во новата зграда на кејот на Вардар, открија дека недостасуваат триесетина артефакти од нивните збирки. Увидот покажа дека нема траги на провала и дека сигурно кражбата ја извршиле или пак ја овозможиле лица вработени во Музејот.
Скандалот ги откри и сите недостатоци во обезбедувањето на музејот и работењето на раководството, но и отсуството на контроли од надлежното министерство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Предавање „Ритамот и звукот на Африка“ во Музеј на Македонија
-
„Африканскиот колонијализам и воајеризам: разликата како спектакл“ – предавање на Илина Јакимовска во Музеј на Македонија
-
Модна ревија во Музеј на Македонија „Made in Macedonia: Почетоци и еволуција“
-
Отворање на изложбата „Духовите на Африка – Ритуална западноафриканска уметност“