На неполни 48 часа пред првиот натпревар на Светското првенство против Чиле в сабота од 15,45 нашите најдобри ракометари допатуваа на своето одредиште во Севиља. Патувањето на кое беа испратени со многу почести и очекувања, како што и можеше да се претпостави, по откажувањето на чартер летот минатата седмица, мина напорно и со повеќе од 10 часа на релацијата Скопје-Софија-Рим-Севиља.
Селекторот Звонко Шундовски вечерва ќе ги поведе избраните на првиот тренинг, практично на запознавање со арената Palacio Municipal de Deportes San Pablo во Севиља, во која во следните 8 дена ќе имаме пет средби во групата Б. В сабота не очекува дуел со Чиле, в недела со Катар. По ден одмор, одиме на две европски репрезентации Исланд и Русија, за следниот петок да се сретнеме со Данска.
23. Светско првенство во ракомет во машка конкуренција започува утре со натпревар во Мадрид меѓу Шпанија и Алжир, а ќе заврши на 27 јануари со финалето во Барселона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


