| четврток, 6 декември 2018 |

Играат Германци се тепаат Данци

Германските ракометни гиганти Фленсбург и Хамбург одиграа три натпревари за краток период, а дерби-дуелите ги одбележаа грубите стартови на данските репрезентативци во двата табори. Фленсбург доби две пресметки на старите ривали, еднаш во германското првенство и вчера во рамите на Лигата на шампионите, а актуелниот европски првак Хамбург славеше само еднаш, и тоа во првиот меѓусебен дуел од ЛШ.

На вчерашниот што го доби Фленсбург со 27-24 беше исклучен Ханс Линдберг, данскиот репрезентативец во редовите на Хамбург. Тој стартуваше неспортски со лакот врз соиграчот од репрезентацијата Андерс Егерт, па заслужено доби црвен картон и исклучување до крајот на мечот. Малку недостасуваше и за поголем инцидент, а едвај беше смирен нервозниот Линдберг.

Ова се чини беше реванш од негова страна за преостриот прекршок на претходниот меч од Бундес-лигата, што над него го направи Томас Могенсен, исто така дански репрезентативец, кој игра за Фленсбург.

Играа германски екипи, се тепаа Данци, а ракометните познавачи се сомневаат дека нешто не штима во таборот на „викинзите“ пред стартот на Европското првенство, што се игра токму во Данска во јануари. Во групата со домаќинот на ЕП се наоѓа и македонската ракометна репрезентација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top