| четврток, 6 декември 2018 |

Тибет

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Тибет денес е западна провинција на Народна Република Кина. Но, не било така отсекогаш, имено Тибет е древна култура, општествено конституирана како теократија, каде што духовниот лидер е воедно и политички водач. Значи, далај-лама е и првосвештеник и крал. Тибетската религија, инаку позната како ламаизам, според името на титулата на верските првенци, во основа е будистичка, но тука има и примеси од древните тибетски мистични традиции и обреди, кои припаѓаат на еден типичен вид шаманизам. Тибет е неспоредливо место сместено во пазувите на хималајскиот планински масив, кој е највисокиот на планетава, па затоа и духовноста на тибетскиот народ е така длабока и возвишена. Во бескрајните и недостапни предели на Тибет и Хималаите се кријат најзагадочните мистерии на планетата. Оттаму потекнуваат безброј легенди и митови, кои сè уште ја интригираат имагинацијата на светските трагачи по чуда и мистерии. Сè што постои на Тибет е подредено на умешноста на преживувањето затоа што тоа место е сурово, место со огромна надморска височина, каде што условите за плодоносно земјоделство се крајно редуцирани, но затоа тибетскиот народен гениј, вткаен во една неспоредлива традиција со огромен континуитет, изнедрил фантастични релации со овој пуристички животен ареал и успеал да извлече сè што може да се извлече од овој прекрасен, но во основа аскетски крајолик за да опстои тибетскиот народ низ мноштвото векови со систем на преживување, толку ендемичен и оригинален што тешко може да му се најде пандан на планетава, освен можеби кај Инките, кои живеат на андскиот масив во Перу (Јужна Америка). Но, за разлика од овој јужноамерикански ендемски народ, кој помалку или повеќе беше асимилиран од шпанската конквиста и христијанската религија, Тибеќанците успеаја да си ги сочуваат традицијата, религијата и јазикот. Ова, веројатно, ги прави една од најретките оази на древноста на една неспоредлива култура, која успеала да се одбрани од искушенијата на времето преполно со обиди за асимилација. Секако, оската на овој неосвоив бастион во културно-духовна смисла е нивната религија – ламаизмот.

Тибетскиот будизам, иако древна мистична доктрина на трагање по суштината и вистината за севкупноста и постоењето, е нешто што живее како духовна светлина речиси во секој Тибеќанец. Мудроста на тибетските будистички учители и свештеници не само што му пркоси на времето туку и станува сè поинтересно и поактуелно за сите оние што живеат со отворен дух и со души желни за најдлабоките и најсуштествени спознанија. Нивната неспоредлива мудрост денес кореспондира со најсовремените откритија во науката, а нивната медицина и етика се делотворни и безмалку беспрекорни. Затоа и самото спомнување на Тибет и неговата култура во душите на посветените личности буди длабока почит и воодушевеност.

Иако Тибет ја загуби својата политичка независност со анексијата која ја спроведе Народна Република Кина во 1959 година со помош на својата супериорна и многу побројна армија, Тибет, поради својата длабока и автентична култура, никако не може да биде окупиран, барем што се однесува до менталитетот и духовното битие на тибетскиот народ. При оваа инвазија на неспоредливо посупериорната армија на Народна Република Кина врз Тибет, врховниот владетел на тибетскиот народ – далај-лама, тогаш уште дете, требаше да пребега во соседна Индија – најголемата демократија во Азија, каде што му беше даден азил и каде што тибетските бегалци формираа влада во егзил.

Иако далај-лама не е присутен на тибетската територија, тој е беспоговорен водач на Тибеќанците, кои, и покрај обемните напори на комунистичкиот режим во Кина, и натаму опстојуваат на својата традиција и на својата духовност, а врвниот верски водач е епицентарот на нивната современа политичка идентификација.

Соочувајќи се со толку суштински отпор на Тибеќанците, владата од Пекинг почна да спроведува политика на промени на демографските состојби на Тибет, доселувајќи огромен број колонисти од централните делови на Кина во Тибет. Така во Ласа, главниот град на тибетската теократска држава, која стана кинеска провинција, бројот на жителите се зголеми од 100.000 во времето на независноста, на 2.500.000 во последните времиња. Но, Тибеќанците имаат висок морал, кој доаѓа од нивната мудрост и трпение.

Кога пред неколку години избија големите сецесионистички немири во одредени кругови на тибетскиот народ, кои можеа да прераснат во вистинска војна со Кина, мудриот водач на Тибеќанците, далај-лама, од егзил му порача на својот народ дека за политичката слобода на Тибет не вреди да се даде ниеден живот. Животот е прескап за илузорноста каква што е политичката доминација. И ние, и кинеските браќа и сестри страдаме од илузорноста на нашите неосвестени страсти. Слободата е среќа во која треба да се пронајдеме сите, и ние и нашите сегашни окупатори. Само со издигнувањето на свеста ќе дојде вистинската слобода, а тоа ќе се случи порано или подоцна.

До вакво ниво на мудрост и човечност дошол само Махатма Ганди од големите политички лидери на новиот век.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top