| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар против Металург, дерби на Европа и главен меч во Лигата на шампионите (видео)

Скопје и Македонија се подготвени за ново ракометно мегадерби меѓу Вардар и Металург, закажано за в недела од 18 часот, во рамките на шестата рунда од Лигата на шампионите. Историскиот прв дуел меѓу две екипи од ист град во ЛШ, пред една седмица лесно го доби Вардар со 27-22. Овојпат „црвено-црните“, условно кажано, се домаќини, а натпреварот од страна на ЕХФ е прогласен за меч на колото. Интересот е огромен, погледите на ракометна Европа ќе бидат насочени кон македонското, но и европско дерби, а сите билети веќе се распродадени. Салата „Борис Трајковски“, пак, ќе биде храм на ракометот, со најава дека повеќе од 20 земји ќе го пренесуваат во живо натпреварот. За сите што не успеаја да го купат драгоценото парче хартија, односно немаат билет, ќе можат да го следат дербито на ТВ „Алфа“.

– Заврши историскиот меч пред 7 дена, сега следува ново дерби. Без разлика каде играт Вардар и Металург, мечевите се со голем електрицитет, носат многу неизвесност. Една топка, еден момент ќе одлучува. Повторно велам дека шансите се 50:50. Мала предност ќе ни биде што имаме повеќе навивачи и ќе бидеме домаќини. Победа ни носи сигурен пласман во фазата Топ 16. Тоа од почеток ни беше примарна цел. Со сите расположливи средства ќе се обидеме да стигнеме до победа. Имам респект кон противникот, можеби се во ситуација на ранет лав, но имаат одлична екипа. Првпат имаме проблем со повредите, а го загубивме Растворцев на подолг период. Тој ќе мора да оди на операција и ќе отсуствува 4-5 месеци. Се враќа голманот Петар Ангелов, што е добра вест за нас – изјави Доне Бошковски.

Филип Лазаров, капитенот на Вардар, има драгоцено искуство за вакви натпревари и одлично ја познава силата на противникот бидејќи играше и за Металург.

– Нѐ очекува нов голем дуел, реванш со Металург. Мислам дека овојпат ќе биде потешко од средбата пред една седмица. Ги познавам момците од Металург и знам дека се наострени за реванш. Но, ги познавам и моите соиграчи, имаме квалитет и можеме да забележиме нова победа. Со тениски жаргон направивме брејк, но сега ќе мора и да го одбраниме. Посакувам да ја репризираме играта од првото полувреме против Металург, што би бил добар знак за нова победа – изјави Филип Лазаров.

Двете екипи имаат ист број бодови во групата Ц, по 6, па ова е веројатно и клучен меч за пласман во фазата Топ 16. Се заканува Динамо Минск, кој е главен ривал на двете македонси екипи за една од четирите позиции што водат во следниот круг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top