Кој не сака да го испоти дресот на Металург, клуб што е лански четвртфиналист во Лигата на шампионите, моментно во надолен тренд во формата, што носи лоши резултати. По ремито со Ловќен (19-19) синоќа во меч од СЕХА-лигата, вкучен е алармот во таборот на македонскиот вицешампион, пред мошне важниот и веројатно клучен дуел со Вардар во недела во рамките на шестото коло од ЛШ.
„Имавме нерасположени крила и одреден број на играчи кои не сакаа ниту да го испотат дресот“, изјави на прес-конференцијата помошникот на Лино Червар, Александар Петровски.
Дека нешто не штима во таборот на Металург, најави и самиот Червар во изјавите по поразот од Вардар минатиот четврток. Вицешампионот на Македонија премногу лесно го положи оружјето пред налетите на Дибиров и соиграчите од Вардар и доживеа убедлив пораз од 22-27. Повредите на дел од клучните ракометари е голем проблем за Металург, но јасно е дека во клубот има и проблеми од поинаква природа.
Голманот Дарко Станиќ е незадоволен од почетокот на сезоната и сака да си замине, а Металург бара отштета, на што има право. Ситуацијата е „статус-кво“, инает има од двете страни, а фактичката ситуација само му штети на Металург. Има голман од екстра-класа, кој не сака да брани за клубот, што само носи проблеми и порази.
Клубот не се засили, ниту на позицијата пикер, па сега сиот товар паѓа на грбот на ветеранот Ванчо Димовски. Тоа е премалку за клуб што лани играше четвртфинале во ЛШ и има амбиции да се пласира во топ-16 фазата и во овој циклус.
Червар и стручниот штаб се незадоволни и од залагањето на дел и од носителите на играта на Металург, па се поверојатно е дека ќе мора да има ново престројување и ангажман на неколку нови ракометари. Но, кој ќе одлучува за засилувањата во ситуација кога и Червар најави дека по завршувањето на оваа сезона ќе си замине од Металург. И тоа е проблем за тимот од Автокоманда, што дава дополнителна тежина на целата ситуација. Премногу проблеми го тиштат вицешампионот на Македонија пред клучните натпревари во Лигата на шампионите. Прв предизвик за да се збијат редовите и за враќање на победничкиот колосек е дуелот со лутиот ривал Вардар в недела во големото македонско дерби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.