Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ во саботата помина пет часа на допинг-контрола, пред мечот во двојки во финалето на Дејвис-купот против Чешка.
Во саботата за време на мечот Ненад Зимоњиќ и Илија Бозољац против Радек Штепанек и Томаш Бердих, најдобриот српски тенисер во одредени моменти бил многу нервозен, а најверојатно на неговото расположение влијаела допинг-контролата која не се однесувала коректно кон него.
Докторот на српската репрезентација, Здеслав Милинковиќ, за „Новости“ рекол дека, однесувањето на луѓето од антидопинг-агенцијата кон Ѓоковиќ било под секое ниво.
– Тоа беше малтретирање на еден спортист, кој го надмина доменот на професијата, кодексот и етиката. Мене тоа лично ми пречи, но Новак се одработи без забелешка. Цело време во собата беше со целосен странец, за време на тие пет часа му беше забрането да излегува од собата, а мораше и да внимава на своите разговори – рекол Милинковиќ.
Ѓоковиќ на завршниот матерс во Лондон остро го критикуваше односот на Меѓународната тениска федерација кон Виктор Троицки, кој доби казна поради тоа што не се тестирал кога тие побарале од него.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.