| четврток, 6 декември 2018 |

Супермеч на 47. Супербол, титулата замина за Балтимор

Балтимор Рејвенс се новите шампиони во НФЛ лигата, откако во супер интересно финале со 34-31 беа подобри од Сан Франциско 49. Спектаклот во „Супердом“ во Њу Орлеанс кој по многу работи беше единствен, во трилер меч им припадна на момчињата од Балтимор.

За првпат во историјата на лигата, двајца браќа беа кормилари на двата финалисти, а на крајот постариот Џон Харбо беше поуспешен од Џим Харбо.

-Радосен сум што ја освоивме титулата, но беше потешко од моите очекувања. Емоциите беа на максимум, и не е лесно кога од спротивната страна се наоѓа вашиот брат. Го сакам, но тоа е спортот, има само еден победник – рече Џон.

Под негова команда Балтимор го почна дуелот импресивно и поведе со 28-6, но Сан Франциско има екипа од врвен калибар и не се предаде. Од сонот ги разбуди темницата што го зафати стадионот во Њу Орлеанс, поради недостаток на електрична енергија. Прекинот траеше 35 минути, а во продолжението доминираа 49. Со серија од 17-0 почнаа да ја топат предноста на Балтимор, стасаа до негатива од 3 поени, но во 4 обиди не успеаа да дојдат до тач-даун за победа.

Реј Луис кој во 2000 година беше осомничен за двојно убиство во Атланта и соиграчите славеа голем триумф, втор за Балтимор во клупската историја. Луис кој изгради фантастична НФЛ кариера најави повлекување од терените. Неговиот клупски колега Џо Флако ја заслужи наградата за најкорисен играч во финалето во Њу Орлеанс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top