| четврток, 6 декември 2018 |

„Вориа“: Северна Грција „крвари“ од казината и ниските цени во Македонија

kazino

Речиси 15 илјади жители на северна Грција секој викенд ја посетуваат Гевгелија за да се коцкаат и за да пазаруваат, што предизвикува голема загриженост кај промоторите и претприемачите во регионот.

Ова го пишува економскиот портал „Ворија“ истакнувајќи дека Грците од северниот дел на земјата премногу често ги посетуваат трите казина во близина на границата што ја турка на коленици локалната економија на пограничните области во северниот дел на Грција.

Како што пренесува дописникот на МИА од Атина, локалните медиуми често пишуваат за Грците кои се забавуваат во казината во Гевгелија и при тоа одморот го поминуваат во Македонија. И „Ворија“ овој пат нагласува дека илјадници Грци секој викенд одат во трите казина, а престојот во Гевгелија го користат и за пазарење, но и за да наполнат бензин, кој во Македонија е поевтин.

За грчкиот граничен премин „Евзони“ кон Македонија секој викенд се карактеристични колони возила после 18 часот. Според податоците од полициската станица на „Евзони“, од 2009 година наваму секој петок границата ја поминаваат најмалку пет до шест илјади луѓе, додека в сабота тој број изнесува осум илјади патници.

Посетители на казината во Гевгелија се, пред сѐ, жители на Кукуш и Солун, а евидентирани се дури и земјоделци од Лариса, кои откако ќе добијат субвенции, веднаш одат да се коцкаат.

Според „Ворија“, северна Грција ја зафаќа „феноменот Македонија“ со многу привлечни цени, што претствува дополнителен товар за економијата на Кукуш, кој е тешко погоден од економската криза. Десетици бензински пумпи се затворени затоа што не можеле да се натпреваруваат со цените во Македонија, а во исто време, сѐ повеќе мали компании го преместуваат својот бизнис во нашата земја.

Нова, како што ја нарекува порталот, загрижувачка појава е тоа што многу пензионери од Кукуш и околните села ги напуштаат своите домови и изнајмуваат станови во Гевгелија, каде штто плаќаат 100 евра со вклучени струја и греење.

Претседателот на стопанската комора на Кукуш, Тоникиди, за „Ворија“ изјавил дека грчките претприемачи не се во можност да се натпреваруваат со екстремно ниските цени во соседна Македонија.

– Карактеристично е тоа што во последните три години над 200 мали и средни претпријатија, главно од индустријата за облека и производство, ја напуштиле областа и се преселиле во Македонија – информира Тоникиди.

Текстовите на оваа тема секогаш предизвикуваат бурни рекации од читателите, кои коментираат дека таквите Грци се предавници и наместо парите да ги трошат во својата земја, тие избираат да ги богатат скопјаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top