
Во Крушево најповеќе внимание посветивме за проблемот број еден во нашата држава. Тоа е огромното иселување, и тоа особено на најмладите и најспособните. Според Светска банка, 447 илјади граѓани на Македонија ја напуштиле својата држава. Тоа значи дека буквално секоја општина во Република Македонија страда од истиот проблем. Меѓутоа во Крушево проблемот е двојно поголем. Младите бегаат од Крушево, во другите градови во државата, бегаат во главниот град, а многу од нив потоа и ја напуштаат државата. Педесет проценти од македонските граѓаните, велат дека ако можат би избегале од дома. Тоа значи дека Република Македонија не им создава шанси, особено не на младите и особено не на оние којшто сакаат и можат да и помогнат на својата држава. Затоа мерките во Програмата на СДСМ, се сконцентрирани како да го решаваат чекор по чекор овој проблем. Да остават шанса за егзистенција во Република Македонија. Да дадат и понудат шанса за подобар живот во оваа држава – рече денеска Радмила Шекеринска, потпретседателката на СДСМ.
Според неа денеска во Крушево слушнале многу критики за проектот борба против енергетската сиромаштија.
-Во програмата на Социјалдемократскиот сојуз предвидуваме дека субвенциите за плаќање на сметките за електрична енергија, ќе се отворат за пет различни групи на граѓани. Ќе овозможиме зголемување на износот за енергетска субвенција, меѓутоа законско редовно плаќање, не само пред избори, туку буквално секој месец и со сума поголема од сегашната. Она што е најважно е дека во втората фаза овие енергетски субвенции ќе обезбедат и финансирање на купување на огревното дрво, токму на семејствата, кои социјално се најзагрозени. Бидејќи сме во општина во којашто зимскиот туризам е една од важните елементи на локалната економија, дискутиравме со многу крушевчани како на вистински начин, владата може да им помогне за да го развијат туризмот и да остават пари во општината, а не надвор од неа. Една од мерките на нашата Програма, предизвика внимание кај сите оние кои се занимаваат со зимски туризам. А тоа е дека ќе го поделиме зимскиот распуст за децата од основното и средното образование и ќе овозможиме освен споените божиќни и новогодишни празници, вториот дел на зимскиот распуст да биде во месец февруари. На тој начин ќе им помогнеме на зимските центри како Крушево, да ја продолжат зимската сезона и да им овозможат егзистенција на младите дома, во својата општина, а не надвор од државата – рече таа.
Врати ВМРО-ДПМНЕ:
Очигледно е непознавањето од сферата на социјалната политика што го покажуваат луѓето во СДСМ, во конкретниот случај Радмила Шеќеринска.Тие одат меѓу луѓето и ветуваат проекти кои што веќе се реализирани од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ветуваат дека ќе обезбедат пари за проектот енергетска сиромаштија, овој проект веќе постои од 2010-та година и од 2012-та година е покачен за 700 денари. Во октомври 2013 година веќе го користат 10,360 домаќинства. Од почетокот на 2010-та година, до февруари 2013-та година се исплатени над 100 милиони денари. Исто така и проектот за обезбедување на огревно дрво на социјално маргинализираните категории, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе го спроведува. Оваа година како и претходните години се обезбедуваат по 700 денари субвенција на секое семејство во периодот на грејната сезона откако ќе поднесат фискална сметка од овластен продавач до Центарот за социјални работи. СДСМ во ситуација кога нема идеја што да направи и што конкретно да им понуди на граѓаните, оди меѓу нив и ги лаже со истите проекти кои што веќе се реализираат и кои што владата на ВМРО-ДПМНЕ ги применува. Со тоа тие покажуваат незнаење и ароганција. Радмила Шеќеринска очигледно досега морала да отиде меѓу граѓаните и да види дека сите мерки, кои што тие ги предвидуваат и денес ги кажа, се веќе реализираат и граѓаните ги користат. Програмата која ја нуди СДСМ е скроена на брзина, колку да прикажат некакви мерки и или крадат од програмата на ВМРО-ДПМНЕ или пак се служат со некои нереални и нерационални ветувања, кои што ги кажуваат на граѓаните само за да се доведат на власт, а потоа тие исти проекти остануваат едни големи лажни ветувања, како што беше ветувањето со еден вработен од секое семејство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


