| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во нова дебата – тема ИПА фондовите

vmro-dpmne-sdsmПоследниот извештај на Европската комисија посветен на имплементацијата на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) во државите кои се делот од процесот на проширување на ЕУ е повеќе од разочарувачки. Имено, ако досега не знаевме колку од ИПА средствата се искористени (и покрај обемната Надзорна расправа што ја организираше Собранието), сега точно знаеме дека Македонија се бори со Босна и Херцеговина за последното место во регионот.Слика за искористеноста на целата ИПА имаме во најновиот Извештај за напредокот на Република Македонија каде што за првпат децидно се кажува дека „во периодот 2007-2013, Комисијата намени €610 милиони за проекти во државата, но досега се склучени договори за околу една четвртина од средствата“. За жал, тоа не е единствената лоша вест од овој извештај. Дознаваме дека Македонија, покрај тоа што не умее да ги искористи овие средства – кои патем се неповратни, а не кредити – веќе се наоѓа на врвот во регионот во губењето на средствата. Околу 11 милиони евра веќе се неповратно изгубени и тоа: кај II-компонента за Прекугранична соработка, веќе се неповратно загубени 560 илјади евра од ИПА 2009, а 2,9 милиона евра од програмата со Албанија се префрлени во I-компонента за надградба на граничните премини со Србија и Албанија поради проблематичното искуство – изјави на денешната пресконференција Лидија Димова, Претседател на Советот за ЕУ интеграции во СДСМ.

Таа тврди дека кај V-та компонента (за земјоделски развој) Македонија изгубила 7,3 милиони евра од ИПА 2009 од вкупно 10,2 милиони), а кај IV-компонента (за развој на човечки ресурси), Европската комисија решила да дозволи дополнително пред-финансирање за да ги спаси парите откако претходно го блокирала износот од 4,845 милиони евра на Агенцијата за вработување на Република Македонија поради лошиот финансиски менаџмент.

-Сепак, најмногу од се загрижува имиџот што Република Македонија го остава во соработката со Брисел. Имало два времени прекини на исплатата (еднаш во март и уште еднаш кон крајот на 2012 година) поради недоволниот менаџерски капацитет на институциите. Се направиле обиди да се најдат решенија со самиот премиер Груевски, но за жал Брисел во извештајот констатира на својот дипломатски јазик дека „националните власти не реагираа со неопходното чувство на итност“.  Ова зборува за леснотијата со која оваа Влада излегува неподготвена пред Брисел – додава Димова.
Таа постави неколку битни прашања:

1)    Зошто Владата не ги троши европските пари – кои не мора да ги враќа – а на сметка на тоа се задолжува со кредити кај меѓународните финансиски институции и кај банките?

2)    Како е можно да потрошите само 2 милиони евра од вкупно 85 милиони евра колку што ви се на располагање во V-компонента на ИПА наменета за земјоделски развој на државата?

3)    Како е можно да искористите само 20% од средствата што ви се на располагање за вработување и развој на човечки ресурси?

4)    Колку пари Македонија ќе изгуби до крајот на 2013 година?

ВМРО-ДПМНЕ реагираше:

Практиката на пласирање на невистини во јавноста, непроверени информации, произволно и нестручно анализирани извештаи и нецелосно пласирани податоци во рамки на викенд програмот на СДСМ продолжува, за што доказ е и денешната прес конференција која се осврнува на искористеноста на ИПА средствата. Еден куп невистини и извртени податоци беа пласирани денес, а еве зошто:

Прво, СДСМ не ја ни започна процедурата за акредитација за користење на средствата за ИПА, така да тие последни треба да зборат дека ги пропуштаме тие пари, кога самите не ни мрднале со прст за да добијат пристап до нив.

Второ, податоците кои се изнесени дека Македонија досега има искористено 37 отсто од ИПА средствата се точни, односно станува збор за 105 милиони евра. Тоа може да го проверите и со Европската комисија, доколку не можете да го најдете во извештајот, тоа е јавен податок и секогаш бил на располагање. Во тек се постапки за искористување на уште 30 милиони евра за инфраструктурни проекти, рехабилитација на автопатот Велес-Катланово од Коридорот 10, рехабилитација на железничката пруга Битола – Кременица, рехабилитација на железничката станица во Скопје и за набавка на опрема за институции. Значи до крајот на годината тој износ ќе надмине 130 милиони евра.

И трето, апсолутна невистина е дека се губат средствата од ИПА – тие и стојат на располагање на Македонија, која има акредитација да ги користи. Споредбата со Босна и Херцеговина е нејасно од каде ја извадивте, бидејќи Босна нема ниту акредитација сама да располага со средства на ИПА.

Ги прашуваме СДСМ, зошто не сакавте тогаш да аплицирате за бесплатните европски средства, а сега се буните дека не се користат доволно? И дали некој од СДСМ знае да чита извештаи, бидејќи цело време велите дека има мала искористеност, а бројка не кажувате никаде?

Госпоѓата Лидија Димова и понатаму продолжува да ја манипулира јавноста, исто како и претходно, кога во јавноста се претставуваше како независен експерт, за сега да ја видиме како држи прес конференција од позиција на партиски функционер, со што ќе се потврди дека нејзините ставови имаа дневно-партиска употребливост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top