| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија на дневен ред на Националниот совет за надворешни работи на Грција

Прашањето за името на Македонија најверојатно ќе биде една од точките на дневен ред на следното заседание на грчкиот Национален совет за надворешна политика, јави дописникот на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос испрати писмо до грчкиот Парламент, во кое ја изрази неговата намера во блиска иднина да свика заседание на Националниот совет за надворешна политика. Во писмото вели дека седницата ќе се одржи со цел да се информираат парламентарни партии за најновите случувања во однос на националните прашања.

Венизелос ги демантираше гласините дека е формиран некој друг специјален комитет за справување со прашања во врска со Ексклузивната економска зона ( ЕЕЗ ) кој наводно се состои од високи претставници на Министерството за надворешни работи.

– Комитетот се состои од вработени во Министерството за надворешни работи , кои не се платени дополнително за нивното учество во комитетот. Тие се избрани врз основа на нивното искуство и научна обука, појасни тој, додавајќи дека надворешната политика на земјата не треба да се користи за промовирање популизам.

Писмото на Венизелос беше одговор на пратеничко прашање од страна на пратеникот на Независни Грци Теренс Куик кој побара да се каже кога ќе се одржи заседание на Советот за да се разговара за ЕЕЗ по информациите во медиумите дека е создаден таен комитет за ова прашање.

По писмото на Венизелос, дојде експресна реакција од Куик кој рече дека е збунет од неговата реторика затоа што во писмото употребил „веднаш“ и „во иднина“.

– Се надевам дека ќе превладее „веднаш“. Повеќе нема воопшто време, со голед на тоа што вријат нашите најважни национални прашања – Кипар, името на Скопје, Тракија, предизвиците на Албанија, ЕЕЗ и слично“, нагласи Куик.

Тој додаде дека партијата Независни Грци уште од август годинава бара заседание на Националниот совет за надворешна политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top