
Колумнист:
Ацо Станковски
По средновековната длабока културна аскеза, во мугрите на ренесансниот период доаѓа до засилен интерес за човекот и за неговата позиција во светот. Таа референтна точка на човековата интерактивност со конкретниот и со историскиот амбиент е лоцирана токму во човековиот базичен феноменолошки аспект, а тоа е неговата телесност. Овој засилен интерес на уметниците и на учените од доцниот среден век се должи токму на новосоздадениот однос кон античката култура. Ова чудесно спојување на двете времиња, доцносредновековието и антиката, прво ќе се одигра на територијата на Византија, но подоцна ќе се пренесе во културолошкото милје на Италија, а оттаму кон цела западна, па и северна Европа.
Ако по нешто можеме да ја определиме ренесансата во естетска смисла, тоа е, всушност, интересот што ова време го иницира за природниот аспект на човека. Телото со својата структуралност, функционалност и убавина повторно доаѓа во фокусот на ренесансниот уметник. Уметноста што ќе се оствари оттогаш, од времето на самите почетоци на ренесансата, па до времињата на доцниот модернизам, значи до воспоставување на апстрактната уметност како доминантен естетски дискурс во ликовната уметност, е, пред сè, одбележана со презентирање на човековата телесност, низ карактерот и акцијата на главниот мотив на оваа речиси полумилениумска активност на уметниците, која, без сомнение, станува традиција на уметноста на западната цивилизација.
Од фрескоживописите на Џото, Дучи и Мазачо, па преку протагонистите на северната ренесанса, која фатила свои корени од другата страна на Алпите, можеби најпретставителна во Холандија и во Фландрија, гледаме една голема тенденција за прикажување на телесноста. Уметниците како Јан и Хуберт ван Ајк или Роже Вандер Вајден се скрупулозни опсерватори на телото, преку чијашто гестуалност создаваат силни психолошки сугестии и амбиенти во своите дела. Во времињата што надоаѓаат, а со нив и периодот на високата ренесанса се појавуваат автори, кои преку своите фасцинантни студии на телесноста и на анатомијата на човекот ќе создаваат парадигматични дела во ликовната уметност. Верно следејќи ги препораките и достигнувањата на Андреа Мантења, фра Доменико и фра Филипо Липи, Џовани Белини или Сандро Ботичели, во Италија ќе се појават генијални творци, чијашто главна преокупација ќе биде токму базичната реалност на човека, а тоа е токму неговото тело. Анатомијата и интеракцијата со околината на човекот кај уметниците како Џорџоне, Тицијан, Микеланџело, Леонардо или Рафаел е, можеби, најпоетичниот период на третирањето на хуманата природа во историјата на уметноста. Тука телото не е само функција, туку и убавина и поетика. Тоа, всушност, станува амбиент на едно комплексно постоење, во кое духот и материјата влегуваат во една вдахновена иманенција. Уште посмели се претставите на телесноста во периодот што ќе настапи по времето на високата ренесанса. Маниризмот ќе донесе нови предизвици за уметниците на овој период од историјата на стиловите. Тинторето, Паоло Веронезе, а посебно генијалниот и осамен опсерватор на човека и човештвото, Ел Греко, кој своето творештво во голема мера го создаде во шпанскиот град Толедо, внесоа еден виор во третирањето на телесноста. Микеланџеловиот цртеж и Тицијановите бои, кои беа цел на големата синтеза што ја остваруваше генијалниот Тинторето, се пренесе насекаде низ католичкиот свет, како незаобиколива рецептура на времето. Од друга страна, тука е речиси ендемичната и неспоредливо автентична уметност на Ел Греко, кој телесноста ја издолжи во етерични визури, каде што телото е трансформирано во чад или во магла, сепак толку убедливо во својата искуственост и егзистенција.
Барокот што ќе следува по овој синтетички и еклектички период во историјата на уметноста, ќе се сврти кон реализмот и кон драматичноста. За оваа цел иновативниот гениј и родоначалник на барокниот стил, Караваџо, ќе се послужи со изостреното киароскуро и, пред сè, со ликови што ги беше ангажирал од непосредната околина. Сликите на Караваџо, тој бескомпромисен опсерватор на реалноста, како да се предвесници на самата фотографија. Оваа неверојатно сугестивна уметност ќе ги фасцинира сите значајни творци од периодот што ќе следува во текот на целиот 17 век, век во кој сликарската уметност ќе го достигне својот стилско-естетски врв. И секако, уметноста на голото човеково тело ќе триумфира во делата на творците од оваа незаобиколива епоха во историјата на уметноста. Гледајте ги актовите на Рубенс, кои во извиени спирали блескаат со својот неспоредлив инкарнат, реализмот и мекоста во третманот на Веласкез, мистериозноста и драматичноста на холандскиот гениј Рембрант или аристократичната одмереност на Ван Дајк. Сето ова творештво фасцинира со неповторливоста на визијата и мајсторската перфектност.
Во вековите што се нижат, уметноста на актот ќе ги живее своите најпотентни моменти. Од рококото, преку класицизмот и романтизмот, па сè до реализмот и импресионизмот, голото тело на човека е непресушна инспирација. Дури со појавата на апаратите за верна репродукција на реалноста, конкретниот интерес на уметниците за голотијата ќе се намали донекаде. Таа, всушност, ќе се префрли во медиумот на фотографијата и на филмот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


