
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Семето на новиот либерализам е хибридно. Формулата речиси се движи вака: шведскиот тип социјализам се калеми на југословенскиот. Потоа се меша со грчкиот фашизам и германскиот националсоцијализам. Па, се додава малку од италијанското чувство за мафија, па нијанса англиско-француски колонијализам, па македонска фаланга, па индиска нирвана.
Потоа бразилска прашума, којашто треба да се спаси од сечење. Па, мексикански пејотл што вреди да се проба. Па, ескимски вигвам, па индијанско луле на мирот. На крај, на таен состанок на светската елита во некој егзотичен, а европски град од типот на Женева, сите „изми“ исчадуваат во етерот како никогаш и да не биле. Но, пред да се испуши лулето на мирот, се врши страотна пропаганда во која Нарцис ја игра главната улога.
Сите што ја имаат преживеано оваа приказна во младоста, знаат за што се работи. И ако се барем малку искрени кон себеси, ќе се фатат на дело како ја ишкаат мувата од капата.
Во елитниот клуб на лудиот, збунетиот и ненормалниот, нема ништо полесно од тоа да се лови во матно. Овој лов особено добро им оди на лудите. И збунетите се снаоѓаат, иако на втора рака. Не се толку агилни во заштитата на човековите права бидејќи нивното членство во клубот е нешто слично на задоцнет пубертет, додека искусните и веќе етаблирани (членки) одамна преминале во фаза на директна телепортација на местото на настанот, во која и да било колонија, на најоддалечената страна на планетата. За нив планетата станува супертесна.
Затоа тие измислуваат федерални резерви. И се фрлаат во опсесивна, а не ретко и компулзивна експлоатација на ресурсите од своите базни станици во Авганистан, Пакистан, Ирак и слично. Не само што успеваат да отворат нови работни места, туку ги сертифицираат домицилните семиња, и со вкрстување на старите и веќе непостојни сорти, ја градат најголемата амбасада во регионот и веќе следниот ден добиваат нов производ.
Потоа, на добиениот „производ“ му лепат етикета. Етикетата се прогласува за бренд и од брендот заработуваат повеќе од илјада семејства. Ако меѓу овие илјада се погодат барем две сорти погодни за калемење смртно ривалство и се поделат на по петстотини во еден табор, и во едните петстотини се појави подобра етикета којашто ќе стане лидер на двеста и педесет од семејствата…
Никнуваат како плевел илјадници, милиони тајни организации.
Потоа однемајкаде се прогласува вонредна состојба, полициски час и прохибиција. Па, военото поле од планина се сели на плоштад, во продавница, во кревет и кога едно утро човекот се буди и сфаќа дека будилникот не заѕвонил навреме, и дека го прегазил тенкот на комшијата, и дека за појадок има генетски модифициран домат со мирис на „епл“ компјутерска технологија со оригинал холандско потекло, и дека корнишоните заминале во историја, но без запишани податоци, е тогаш е време да се прифати промената и новото време.
За тоа време веселата наука се обидува да смисли честица со помош на акцелератор, придвижуван од онолку ветерници колку што има градски трговски центри по глава на жител. Колку е пошироко информациското поле толку побрзо патува информацијата за тоа дека се тресела гората, се родило глувче.
Својот шовинизам тие го прогласија за космополитизам, а ние усвојувајќи ги параметрите на таа култура преку училиштата, ја прифативме и нејзината сопствена оценка за самата себе. Така што сега, во ова време, се открива дека термините ‘демократија‘, ‘општочовечка цивилизација‘, ‘еднаквост‘ имаат исклучиво етнографски карактер. Тоа што се нарекува општочовечка цивилизација, всушност, е образец направен по мерката на Германците, Англичаните, Французите, Италијанците… (Сергеј Трубецки)
Домострој е старословенскиот збор за зборот „економија“, и на двата јазика овој збор го означува истото – закон на куќата, на домот. Да се устрои куќата значи да се организира животот во неа на најдобар можен начин. Според сите информации што стојат на располагање.
Кога се вели куќа, се разбира, не се мисли на одреден паркинг-простор во некој урбанистички план, туку се мисли на целиот простор населен со луѓе, а тоа е – ни помалку ни повеќе – вселената. Домот на луѓето. Вселената е „она“ што е населено, местото што било избрано како поволна почва за насадување на големата експлозија и почеток на живот. Ова „било избрано“ само колку да се нагласи кршливата конструкција на каква било теорија за постанок. Само оној што бил таму може да знае, а за да се избегне протекција кон некоја посебна космогонија, доволна е само шармантната претпоставка: дека немало никој. Местото било празно и темно. Ем колонија ем провинција. Археолозите и антрополозите милуваат оваа пустинска идила да ја лоцираат или во денешен Иран или во Африка… Без алузии на митологиски замешателства оти се подготвува контекст за друга тема…
Законот и слободата. Дали се надополнуваат или се исклучуваат меѓусебно? Дали е контрадикција ако се рече дека законот ја гарантира слободата? Дали ако законот наметнува ограничување на брзината на 60 км на час, и ненамерното притискање на педалата повеќе од дозволеното заслужува казна? Што да се прави во сите случаи кога поединецот не сноси вина, ниту одговорност? Кога педалата е погрешно наштелувана и се случува сообраќајна незгода поради фабрички пропуст? Или поединецот сноси одговорност само поради погрешниот избор на марката возило, та лошата среќа го одвела до расипаното возило? Како да знае на која марка да типува кога сите се подобри од другите?
Пазарот на информации. Слободниот пазар на информации. Тоа значи дека секој може да дознае сè. За жал, во тоа спаѓаат многу непотребни модни додатоци, од кои човек и без да забележи ќе стави на себе два-триесет кила повеќе, за потоа да биде принуден да тргне по мачниот пат на диетите. Се разбира, ако го засега сопственото здравје!
Во почетокот беше информацијата. И таа информација нè доведе до ова дереџе наречено неолиберален режим на ОН, во кој циклично се повторуваат неколку типа брашно: генетски модифицирано – експериментално, тип 400 меко, тип 400 остро и органско брашно, што директно влијае врз промена на мислењето и сексуалната ориентација.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


