Ништо ново. Вака, со два збора, може да се опишат резултатите од последните анкети кои го мереа рејтингот на партиите и расположението на гласачите. Стабилната предност што ја има ВМРО-ДПМНЕ пред опозицијата им дава за право да продолжат со начинот на кој ја водат земјата. Кај опозицијата, пак, резултатот изгледа разочарувачки затоа што СДСМ со полна пареа се обидува да фати чекор со разработената машинерија на власта, и тоа на оние полиња на кои губи најмногу гласови – во однос на прашањето за името и во економските реформи.
Токму затоа не е изненадување промената на ставот на СДСМ за тоа што најмногу ги боли гласачите – проблемот за името со Грција. На Бихаќка ја сфатија пораката од народот, а сега се обидуваат да одговорат позитивно на нивната волја. Дури ретерираа и од ветувањето на Шекеринска дека НАТО и ЕУ ќе ги отворат вратите за Македонија за шест месеци откако ќе дојде СДСМ на власт. Оваа промена колку е добра толку е и опасна затоа што се наметнува прашањето што ќе се случеше ако народот поверуваше во таквото предизборно ветување и им ја довереше власта со очекување дека ќе ни следува брзо зачленување во евроатлантските организации.
Последните анкети покажуваат дека граѓаните не ги препознаа како искрени првите патриотски потези на Заев. Не само што се резервирани поради практиката за брзо менување на ставовите, туку и поради претстојните избори, кои се доволна причина да проработи сомнежот кај гласачите за намерите на опозиционерите.
Поради тоа, раководството на СДСМ ќе треба да вложи уште многу труд за да ја придобие довербата на народот во однос на нивната стратегија за решавање на спорот за името. А, ако ја добие, ќе има огромна одговорност да го спроведе ветувањето.
Во исто време опозицијата се обидува да ѝ парира на власта околу економските реформи презентирајќи социјална програма со која им се додворува на најмногубројните категории гласачи – средната класа и социјалната. Сето тоа е позитивно и легитимно, но ако социјалдемократите очекуваат некаква реакција од гласачкото тело и зголемување на рејтингот, ќе мора предлозите да им бидат детално осмислени, поткрепени и лесноразбирливи за граѓаните. Во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ и натаму со леснотија ќе ги отфрла како неиздржани или како веќе спроведени.
А, дека во СДСМ сѐ уште владее недоверба во сопствените зборови говори и реакцијата на дел од симпатизерите и членовите на партијата кои прашањето на поранешниот потпретседател Зоран Јовановски, зошто Шекеринска не прифаќа да се кандидира за претседател на државата, објавено на неговиот профил на „Фејсбук“ го доживеаја како шега на сметка на потпретседателката и на рејтингот на партијата.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.