Магична ракометна вечер за македонскиот шампион Вардар, кој го доби дербито на петтата рунда во Лигата на шампионите против лутиот ривал и лански четвртфиналист Металург, со 27 – 22. По првиот дел разликата беше идентична, 5 гола разлика, 14-9.
Се очекуваше многу понеизвесен дуел на старите познаници, но изненадувачки Металург одигра индиспонирано во текот на целиот меч. Само извонредниот бек Павел Атман со 7 гола и голманот Раде Мијатовиќ кој имаше 6 одбрани (бранеше само во првиот дел), беа расположени за игра, што е премалку да се совлада екипа од калибарот на Вардар.
Шампионите на Македонија беа распеани, разиграни и на крилјата на своите навивачи сосема заслужено ги освоија бодовите. Тимур Дибиров погодуваше од невозможни позиции, од крило и тоа на уште поневозможни начини. Еднаш ја крена публиката на нозе со „вртена топка“, а потоа буквално во кошаркарски стил ја положи топката во горниот агол на противничкиот гол.
Рускиот ас постигна 8 погодоци, а одигра извонредно и во дефанзива. Со него и Атман, за епитетот играч на натпреварот конкурира и Страхиња Милиќ.
Голманот на Вардар и српски репрезентативец правеше чуда на голот, одбрани дузина удари и еден седмерец, а постојано беше на високо ниво. Неговата одбрана на 7 минути до крајот, при резултат 20-16 за Вардар се чини го откажа Металург од обидот да ја стаса негативата и да спаси барем еден бод.
Со победата во големото дерби, Вардар се израмни со Металург, на табелата во Ц групата од ЛШ. И двете екипи имаат по 6 бода, зад лидерот Барселона со 9 бода. Денеска Каталонците го победија Динамо во Минск со 35-25 и ширум им ја отворија портата од следниот круг на двата наши претставници. Белорусите останаа на 4 бода, а во последниот меч од 5 коло во оваа група, последнопласираниот Вакер Тун во недела игра со Пари Сен Жермен, екипа што е петтопласирана со 3 бода. Првите 4 екипи одат понатаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



