Вардар има убедлива предност од 5 гола, 14-9 по првиот дел во македонското дерби против Металург од петтата рунда во Лигата на шампионите.
„Црвено-црните“ одиграа многу подобро во текот на сите 30 минути и од стартот имаше предност, најмногу од 6 гола разлика, 11-5 во дваесеттата минута. Тимур Дибиров игра извонредно и во нападот каде постигна 4 гола и во одбраната. Сепак број 1 на теренот во салата „Борис Трајковски“ по 30 минути игра е голманот на Вардар Страхиња Милиќ, со 8 одбрани од кои еден удар од 7 метри.
Популарниот Џамбо во еден момент се обиде и да постигне погодок, но промаши со удар од гол на гол. Одличен на спротивната страна е и Раде Мијатовиќ со 6 одбрани, а проблем за Металург е што Станиќ бранеше слабо. Најдобриот голман од ланското издание на ЛШ нема своја вечер и не одбрани речиси ништо. Павел Атман го одржува Металург во игра. Рускиот ас во редовите на ланскиот четвртфиналист постигна 4 гола и тој е убедливо најдобриот ракометар кај „домаќините“
Во публиката се наоѓа и поранешниот тренер на Вардар и миленик на „комитите“ Веселин Вујовиќ. Во десеттата минута од првиот дел тој помогна во расчистување на инцидентот меѓу „комитите“ и дел од симпатизерите на Металург. Интервенираше и полиција, но за среќа брзо се надминаа проблемите и дуелот продолжи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




