| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје и Македонија за историја – Металург и Вардар први екипи од ист град што играат меѓусебе во ЛШ

Скопје и Македонија вечерва ќе испишат нова страница во ракометната историја, благодарение на Металург и Вардар, двете наши екипи вечерва од 20 часот ќе постават нови стандарди. Во салата „Борис Трајковски“ првпат ќе играат два тима од ист град во рамки на фазата по групи во ракометната Лига на шампионите.

Овојпат организатор на натпреварот ќе биде Металург иако двата состави своите мечеви во елитното натпреварување ги играат на ист терен во истата сала. За десетина дена, на 24 ноември, улогите ќе бидат променети и Вардар, условно, ќе биде домаќин во меч од 6. коло во групата Ц .

– Ова е историски натпревар за земја каква што е Македонија. За првпат во Лигата на шампионите, две екипи од ист град се среќаваат во групната фаза, факт што самиот по себе му дава тежина на овој натпревар. Се надевам дека мојата екипа ќе игра, ќе се натпреварува, а дали тоа ќе биде доволно за победа ќе видиме на самиот натпревар. Го респектираме противникот и мислам дека шансите за триумф се 50-50. Освен Ангелов и Недановски, сите сме во натпреварувачки ритам. Ќе го дадеме максимумот и со помош на нашата верна публика ќе се обидеме да победиме – вели Андон Бошковски, тренер на Вардар.

И двете екипи си имаат свои адути, а победата е од огромно значење. Победа за Металург, кој е ланскиот четврт-финалист во ЛШ, значи речиси сигурно минување на фазата по групи. Тимот од Автокоманда има 6 бода по 4 кола и со нови два од вечерашниот меч ќе патува понатаму.

– Знам што значат натпреварите против Вардар. Тоа е дерби со европски шмек, што му носи многу поени на маедонскиот ракомет. Вардар направи квалитетен тим, со врвни играчи. Имаме проблеми со повредени ракометари, но се надеваме дека до четврток ќе бидеме подготвени за дерби. Ќе дадеме сѐ од себе, а нека се радува подобриот – изјави Дејан Манасков.

Вардар има два бода помалку од големиот ривал и победа му носи израмнување со Металург на втората позиција. Барселона е лидер со 7 бода, а триумф на каталонскиот гигант денеска во Минск против Динамо (17 часот)  би им ја олеснил работата на двата македонски состави во битката за пласман меѓу четирите екипи што ќе ја минат фазата по групи. Динамо има 4 бода. Последниот натпревар од петтата рунда во групата Ц ќе се игра в недела, а фенерџијата Вакер Тун му е домаќин на Пари Сен Жермен, состав што е на петтото место со 3 бода.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top