| четврток, 6 декември 2018 |

Дени Илиев: Сон на секој фудбалер е да биде член на Арсенал

Младиот струмичанец Дени Илиев ќе биде голем адут на младата македонска репрезентација во обидот да се стигне во Чешка, на Европското првенство што ќе се игра во 2015 година. Веќе една и пол година 18-годишниот голман е член на англискиот гигант Арсенал, а во интервју за официјалната страница на Фудбалската федерација на Македонија открива интересни детали од таборот на „топчиите“.

– Во Арсенал има неверојатен притисок за успех, не е лесно да се биде „топчија“. За мене тоа не е пресудно, напротив, ми дава многу поголем мотив да успеам. Тренираме во ист тренинг-камп со првиот тим на Арсенал. Неколкумина од нас речиси на секој тренинг добиваат шанса од Арсен Венгер да работат со најдобриот состав. Шпанецот Санти Казорла е фудбалерот што ми оставил најголем впечаток. Тој е голем работник на теренот. Тео Волкот има неверојатно силен удар, исто како и Оливие Жиру. Првата година имав шанса да го запознаам Робин ван Перси. Заедно работевме на неколку тренинзи, неверојатен фудбалер, едноставно не знаете каде ќе се движи топката по негов удар – вели Илиев.

Поранешниот голман на Беласица вели дека си го остварил сонот со потписот за Арсенал, клуб во кој во блиска иднина очекува да биде и број 1 во сениорскиот состав.

– Чувството да се биде дел од Арсенал е навистина прекрасно. Сон на секој фудбалер е да биде дел од таков гигант. Со задоволство играм за Арсенал и среќен сум што сум таму. Веќе една и пол година сум во Лондон и веднаш се забележува голем напредок во мојата игра и однесување, тоа ми го говорат тренерите, соиграчите и моите блиски. Се надевам дека ќе продолжам во таа насока и во блиска иднина зборовите на Венгер ќе станат реалност, а тоа е да бидам прв голман на Арсенал – раскажува Дени.

Целото интервју можете да го прочитате овде.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top