Владата на Република Македонија ќе дава субвенции за вработување на невработени лица, кои потекнуваат од домаќинства корисници на социјална парична помош, соопшти владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
-Корисници на оваа програма ќе бидат невработените лица, кои активно бараат работа и потекнуваат од домаќинства, корисници на социјална парична помош и работодавачите кои ќе бидат заинтересирани да ја искористат субвенцијата и да ги вработат овие лица- изјави Ѓорѓиев.
Приоритет ќе се даде на субвенционирање вработување на млади лица на возраст до 29 години, кои се невработени, активно бараат работа во Агенцијата за вработување на Република Македонија и потекнуват од домаќинства корисници на социјална парична помош.
– Специјален фокус ќе се даде на младите, кои во текот на образованието биле приматели на условниот паричен надоместок, што го дава државата во висина од 12.000 денари годишно, а служи за мотивирање на лицата од социјално ранливите категории да го комплетираат своето образование- нагласи владиниот портпарол.
Тој најави дека огласот ќе биде распишан во почетокот на идната година, а ќе може да аплицираат овие невработени лица и заинтересираните работодавачи. Потоа ќе дојде до вкрстување на податоците од барателите на работа и заинтересираните работодавачи.
– Оној работодавач што ќе вработи лице преку оваа програма месечно ќе добива паричен надоместок од 17.000 денари во период од шест месеци, од кои 14.000 ќе бидат наменети за бруто плата за вработениот, а три илјади ќе бидат за работодавачот, да го обучи работникот, истакна Ѓорѓиев.
По истекот на овие шест месеци работодавачот ќе биде обврзан да го задржи работникот уште шест месеци, односно вкупниот период да изнесува 12 месеци.
– Доколку работодавачот, кој примал субвенција од шест месеци за примање на вакво лице по истекот на тие шест месеци му даде отказ на вработениот ќе биде обврзан да ја врати целосната субвенција што ја добил од државата-рече Ѓорѓиев.
За оваа намена Владата определи околу 13 милиони денари, со кои се претпоставува дека ќе дојде до вработување на околу 150 лица во првата фаза од програмата, која ќе биде реализирана на почетокот на 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.