| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ: На ВМРО-ДПМНЕ прашањето за името му служи само за теснопартиски интереси

FOTO Izjava, SDSM, P. Shilegov, 12.11.2013 god

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ целосно го монополизираат прашањето за името. На тоа упатуваат нивните нервозни реакции во врска со предлогот на СДСМ за политички  консензус, едно од најважните прашања за Република Македонија. СДСМ го прашува премиерот Груевски зошто бега од политички консензус во врска со спорот за името? Изградениот политички консензус по ова важно прашање ќе значи зацврстување на преговарачката позиција на Македонија и јасно исцртување на македонските црвени линии. Со ова се потврдува дека се лажни повиците на премиерот Груевски за единство во врска со спорот со Грција, што тој ги употребува во секоја можна пригода. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како државата да е нивна приватна сопственост – обвини денеска СДСМ.

Портпаролот Шилегов праша: Па нели самиот Груевски постојано вели дека Грција има цврст став околу името затоа што има политички консензус во земјата?

-Со противењето на премиерот за политички консензус за спорот за името на нашата земја, легитимно се поставува прашањето, каков компромис за името прифатил Груевски и дали таквиот компромис им штети на македонските национални интереси?! За потсетување, коалицискиот партнер на Груевски, Ахмети, само пред неколку дена изјави дека власта, како никогаш до сега е блиску до решавање на прашањето за името.  Тоа што е, исто така, несфатливо е како експертите на ВМРО-ДПМНЕ дозволуваат да се девалвираат себеси во медиумски настапи во кои се ставаат во улога на инструмент на Груевски, во бесмисленото поистоветување на поимите консензус и консезуална демократија. Секоја разумна влада поттикнува консензус за политички прашања што се од витален интерес за државата. Постигнувањето консензус е политичка процена за важноста од постигнување заеднички став по прашање што е од државен интерес, какво што е прашањето за името. Консезуална демократија е тип на одлучување за прашања од интерес на религиски, етички, јазични и слични групи. Македонија, со уставните измени во 2001-ва година веќе има внесено елементи на консезуална демократија, на пример преку воведувањето бадентерово мнозинство. За крај, би било добро, од штабот на ВМРО-ДПМНЕ целосно да ја информираат професорката Тања Каракамишева за ставот на СДСМ соопштен пред две години, дека секое решение во врска со ова чувствително прашање, граѓаните треба да го верификуваат на референдум. Наместо професорката да тврди дека СДСМ требало да поддржи референдум за името. СДСМ оценува дека целата инструирана медиумско – експертска операција на ВМРО-ДПМНЕ околу предлогот на СДСМ за државен консензус за името е доказ дека на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ прашањето за името им служи единствено за тесно партиски интереси, од што за жал штета имаат Република Македонија и нејзините граѓани – одаваат тие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top