Специјализираната интернет-страница за ракомет „Балкан-хендбол“ (balkan-handball.com) направи интересна сторија пред големото македонско дерби во четврток меѓу Металург и Вардар во рамките од Лига на шампиони.
„Кој владее во Скопје, Вардар или Металург?“ е специјалот со солидна анализа на двете екипи пред блокот меѓусебни натпревари на 14 и на 24 ноември.
Новинарите на страницата како адути на Вардар ги истакнуваат поголемиот избор на ракометари, потоа искуството, трилингот интернационалци Дибиров, Карачиќ и Душебаев, цврстата одбрана и разновидност на голманите претставени преку триото одлични чувари на мрежата Милиќ, Малумбрес и Ангелов.
Петте најдобри карактеристики на Металург според страницата се контролата на топката, како веќе препознатлив стил на игра на ланскиот четвртфиналист во ЛШ, потоа одличната одбрана и голманот Дарко Станиќ, алката што долго му недостигаше на тимот од Автокоманда, а тоа е Ренато Вугринец, крилните играчи Дејан Манасков и Гоце Георгиевски и за крај на низата е големиот мотиватор Лино Червар.
На сајтот може да се гласа за најдобриот ракометар во двете екипи, и за кого ќе навивате во двата натпревари меѓу македонските ракометни брендови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


