| четврток, 6 декември 2018 |

Червар сентиментален кон Вардар, приоритет сепак му е победа на Металург (видео)

Лино Червар е искусен волк, има минато многу искушенија, а нов голем предизвик на трофејниот стратег е да најде рецепт за победа на Металург против лутиот ривал Вардар, во меч од Лигата на шампионите, в четврток од 20 часот во салата „Борис Трајковски“. Со многу емоции и комплименти хрватскиот тренер го испофали ривалот давајќи му предност како фаворит во натпреварот од петтата рунда во ЛШ.

– В четврток Скопје ќе биде ракометен центар на Европа. Не само што е единствен град со три екипи во Лигата на шампионите, туку и заради балканското и европско дерби меѓу Металург и Вардар. Обврска ми е како тренер на Металург, а тоа е и став на сите во клубот, како домаќини да го пречекаме Вардар како противник, а не како непријател. Вардар ни е голем спортски ривал. Не ги мразиме, туку, напротив, ги почитуваме. Многу ги ценам нивните напори да направат мегаклуб. И нивниот спонзор што вложува пари. Тоа е модел што и другите би требало да го следат. Ги ценам и играчите на Вардар, досега покажаа култура на суперкоректно однесување, и тоа е позитивно и треба да се поддржи. Им ги почитувам и нивните навивачи. „Комитите“ знаат да навиваат и убаво е да се види како ги бодрат своите миленици. Го ценам и името Вардар, тоа е вистински спортски бренд на Македонија. Како дете секогаш кога ќе го споменеа името Вардар, особено за фудбалскиот клуб, тоа ми беше асоцијација за македонскиот спорт. Мора да сториме сѐ за дербито да мине во фер и коректна атмосфера бидејќи сите ние што сега сме во двата клуба сме само на минување. Вардар и Металург се вредни имиња во ракометот и така и ќе остане, и со нас и без нас. Мора да бидеме горди на овие два клуба – истакна во емотивниот говор Червар.

Проблем за Металург се повредите на неколку клучни играчи. Миркуловски сигурно нема да настапи и Велко Марковски речиси сигурно нема да игра, а вицешампионите на Македонија се надеваат дека Павел Атман и Ацо Јоновски ќе бидат подготвени за игра.

– Вардар е во подобра ситуација поради нашите проблеми со повредите  Затоа мора да играме мудро, да се бориме со две срца. Ова не е меч за играчи со слаб карактер, за оние што нема да се борат до последната капка пот. Ова е дерби за борци, за ентузијасти, кои ќе се соочат со предизвикот. Такви барам и таков пристап ценам. Никогаш однапред не се предавам, тоа и не е спортски. Одиме на победа, но и да загубиме ќе му честитаме на противникот. Претпоставувам дека цела македонска јавност посакува двата клуба да ја минат фазата по групи, но не очекувајте пријателски натпревари – додаде Червар.

Двата македонски претставници во ЛШ повторно ќе играат меѓусебе на 24 ноември, но тогаш Вардар ќе биде во улога на домаќин и организатор на мечот. Пред почетокот на блок-натпреварите меѓу двата скопски ривали, Металург со 6 бода е на втората позиција во групата Ц зад лидерот Барселона, која има 7, а Вардар е третопласиран со 4 бода, колку што има и Динамо Минск. ПСЖ следи со 3 бода, а Тун е последен со сите 4 порази. Најдобрите 4 екипи од секоја група одат понатаму.

– Знам што значат натпреварите против Вардар. Тоа е дерби со европски шмек, што му носи многу поени на маедонскиот ракомет. Вардар направи квалитетен тим, со врвни играчи. Имаме проблеми со повредени ракометари, но се надеваме дека до четврток ќе бидеме подготвени за дерби. Ќе дадеме сѐ од себе, а нека се радува подобриот – изјави Дејан Манасков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top