Странците во македонскиот спорт се неминовност, како впрочем и кај сите земји на планетата, кои имаат натурализирани спортисти со цел да го подигнат квалитетот на домашните првенства, на националните селекции, да привлечат публика, да остварат подобри резултати, да нижат медали на големите натпреварувања.
Кај нас во клубовите има доста странци, што впрочем е тренд и во светски рамки, а дел од нив оставија траен белег во македонскиот спорт.
Фудбалери, ракометари, ракометарки, кошаркари, странци во индивидуалните спортови, секој на свој начин го збогатуваат квалитетот на спортот кај нас. Дел од нив добија македонско државјанство и пасоши и настапуваа или се уште играат и за националните селекции на Македонија. Речиси и да нема дилеми за триото најуспешни, а изборот логично паѓа на Индира Кастратовиќ, Могамед Ибрагимов и Лестер Бо Мекејлеб. Ракомет, борење во слободен стил, кошарка, а редоследот е прашање на вкус и затоа ќе го избегнеме рангирањето, бидејќи сите се заслужни за одличните резултати на македонските селекции на големите натпреварувања.
Индира Кастратовиќ – Случаен, но вреден подарок за македонскиот ракомет
Во едно интервју и самата Индира признава дека со тешко срце прифатила да дојде во редовите на Кометал Ѓорче Петров. Да не биде конечниот одговор негативен за раководството на скопскиот клуб, се погрижил сопругот Зоран Кастратовиќ, а впечатоците подоцна комплетно се сменија. Индира Јакуповиќ допатува во Македонија од српскиот клуб Вождовац, во 1994 година, истата година се омажи и го смени презимето во Кастратовиќ. Периодот на прилагодување не траеше долго, а еден од најдобрите десни бекови на светот, блесна по само 3 сезони и тоа на светското првенство во Германија, во дресот со „црвено-жолти“ бои на Македонија. Со 71 гол, Индира беше прв стрелец на турнирот, а нашата репрезентација го освои седмото место.
Поразот од домаќинот во четвртфиналето го сопре комплетниот блесок и подвиг, што можеше да не одведе дури и до медал. Кастратовиќ одигра импресивно и беше двигател на успесите на Македонија и една од најзаслужните за најдобриот наш пласман на ракометните Мундијали. Неправдата што и беше направена со изоставувањето од најдобриот состав на шампионатот, не ја поколеба Индира. Веднаш на следното СП во Данска и Норвешка, таа беше најдобриот десен бек на турнирот и четврти стрелец со 62 гола. Настапите за Македонија и беа добредојдени на ракометарката кој е родум од Бањалука, како подготовка за најголемите успеси во кариерата во дресот на Кометал Ѓорче Петров. Со македонскиот шампион Индира се искачи на врвот на Европа, во 2002 година.
„Загубивме 7 разлика од Ларвик во првиот полуфинален меч во Норвешка. И кога сите мислеа дека Ларвик ќе игра во финалето, проработе инаетот. Норвежанките дури се распрашуваа како од Скопје да отпатуваат за Подгорица, на првиот финален дуел со Будуќност. Буквално изгинавме на теренот, а почетокот на реваншот беше пеколен, во гротлото на Кале. Поведовме со 9-1 и Норвежанките не знаеа што ги снајде. Ние им го поништивме планот за пат во Подгорица, со потполн реванш и пласман во финалето. Патем и Мец го изненади Будуќност во возвратниот дуел во Подгорица, што значеше финале за нас против францускиот тим. Потоа се беше како во бајките, а шампионската титула на Кометал Ѓорче Петров беше прославена на величенствен начин“, вели Кастратовиќ. Таа титула е се уште најголемиот клупски успех на македонска екипа. Вкупно „кометалки“ играа три финалиња, во 2000, 2002 и 2005. Индира се прости на ревијаланиот натпревар во нејзина чест, организиран во јуни 2006 година. Моментно е прв тренер на женскиот клуб Вардар.
Могамед Ибрагимов – Мајсторот на душек, што ни донесе историски олимписки медал
Могамед Ибрагимов се уште е нашиот единствен олимпиец со медал од Игрите, откако Македонија е самостојна држава. Подвигот борачот од Махачкала го приреди во Сиднеј на почетокот на овој милениум. Популарниот Моги освои бронза во борење слободен стил, во категорија до 85 килограми.
Претходно, на големите натпреварувања Ибрагимов учествуваше како борач во селекцијата на Азербејџан. Го освои петтото место на претходната Олимпијада во Атланта, а благодарение на напорите на раководните луѓе од боречката федерација, Ибрагимов доби македонско државјанство и одлучи да настапи под знамето на Македонија во Сиднеј.
Турнирот го почна со реми, 1-1, против Украинецот Давид Бичинашвили, но со одлука на судиите беше прогласен за победник. Потоа за еден поен со 6-5, го надмудри и Јапонецот Тацуо Каваи и се избори за пласман во нокаут фазата.
Медалот, прв на олимписки игри од независноста на Македонија, ни се насмевнуваше, а Ибрагимов се доближи за уште еден чекор до победничкиот подиум со победа од 4-2 над Американецот Чарлс Бартон. Следуваше полуфинален дуел со тогаш актуелниот европски и светски првак Адам Сајтиев од Русија, кој беше преголема пречка и славеше со 3-0 во поени. Златото остана недостижно, но Моги покажа дека има големо срце и желба да се закити со медал, па во битката за бронза го урна поранешниот светски шампион и носител на два олимписки медали, Амир Реза Кадем. На семафорот стоеше резултат 4-1 и бронза за Ибрагимов и Македонија.
Подоцна тој беше и член на Бучим од Радовиш, а настапи и на следната Олимпијада во Атина, но не успеа да го повтори историскиот резултат, бидејќи беше елиминиран во првата рунда. Сепак, Ибрагимов има место во историјата на македонскиот спорт, како прв носител на златен медал од ЛОИ во независна Македонија.
Покрај него медали од олимписки игри како учесници во екс-југословенските репрезентации, имаат и голманот во фудбал, Благоја Видиниќ (злато и сребро), Милко Ѓуровски (бронза), кошаркарот Благоја Георгиевски (сребро), неговата колешка Стојна Вангеловска (сребро), боксерите Аце Русевски (бронза), Реџеп Реџеповски (сребро) и Азис Салиху (бронза), борачите Шабан Сејдиу (две бронзи) и Шабан Трстена (злато и сребро).
Лестер Бо Мекејлеб – Литванија незаборавна авантура со диригентската палка на Борче
Лестер Бо Мекелеб стана вистински херој на македонската нација, а неговиот ангажман за кој се заслужни пред се Врбица Стефанов и раководните луѓе во македонската кошаркарска федерација предводени од Даниел Димевски, се покажа како вистински џек-пот. Американецот од Оклахома имаше одличен рејтинг во европската кошарка и пред прекрасната македонска авантура на ЕП во Литванија, но тоа што го правеше на шампионатот се граничи со чудо.
Со борбеноста, со желбата, со големото срце и пред се со извонредниот квалитет, бекот на македонската репрезентација се вивна високо на првенството и ни помогна да стасаме во битка за медал. Секако не треба да се заборави учинокот ниту на Владо Илиевски, Перо Антиќ, Предраг Самарџиски, браќата Стојановски, Војдан и Дамјан, на Чековски, но сепак човек број еден во нашиот состав беше Бо. Подоцна на шега го прекрстивме и во Борче, а Лестер ги заслужи сите почести од Македонците. Одигра импресивно, а потврда за тоа е изборот во најдобрата петорка на шампионатот на Литванија, на кој Македонија забележа историски успех со пласман на четвртото место. На моќната Шпанија и уфрли 25 поени, со Грузија тој го постигна решавачкиот кош во последниот напад, го „нападна“ домаќинот Литванија во незаборавното четвртфинале со 23 поени, асистираше, се бореше, играше за мерак на сите нас.
„Ова е незаборавно, а победата е многу значајна. Против нас ја имавме и квалитетната Литванија и 15 илјади публика, но издржавме и извлековме победа“, рече Мекејлеб по мечот со домаќинот, кој го победивме со тројката на Илиевски.
Подоцна не не посака и среќата, па дуелот со Русија за бронза го загубивме на неверојатен начин, со промашување од чиста позиција за голем триумф. Но, речиси сите без исклучок беа восхитени од игрите на Македонија на ЕП, а како главен адут беше истакнат Лестер Бо Мекејлеб. Црномурестиот Американец ги напаѓаше како молња противничките одбрани, одигра страшно добра одбрана, асистираше, крадеше топки, се бореше како лав и ги заслужи симпатиите на сите вљубеници во кошарката. На крајот тој беше најефикасниот поединец на шампионатот со 235 поени, беше избран во најдобрата петорка, а и Македонија направи избор со вечно место во срцата за големиот кошаркарски ас Лестер Бо Мекејлеб.
Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





