На последната седница Владата го именувала Владимир Атанасовски за директор на Управата за финансиско разузнавање. На истата седница Владата му препорачала на Управниот одбор на Централниот Регистар, чии членови ги именува, за директор на институцијата да биде избран Ванчо Костадиновски.
Именувањето на двајцата директори следува по завршувањето на сите процедури од јавниот повик за пројавување на интерес за раководни позиции, каде што и Атанасовски и Костадиновски аплицирале.
-Од писмените поднесоции од остварените интервјуа со кандидатите, Атанасовски и Костадиновски покажаа најдобри резултати и оставија најсилен впечаток во однос на овие две позиции, и цениме и очекуваме дека во следниот период дека тие ќе ја реализираат својата програма и ќе покажат успех во раководењето со овие две значајни институции, особено затоа што и досега, едниот како вршител на должноста директор а другиот како директор, имаат започнато голем број на суштински проекти, од кои дел се реализирани и имаат позитивен ефект, а дел се во својот финиш на реализација, го пренесе Курир владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Владимир Атанасовски поседува меѓународна лиценца за финансиски евалуатор издадаена од МАНИВАЛ Комитетот на Советот на Европа за борба против перење пари и финансирање тероризам. Од позначајните проекти кои се поврзуваат со неговата работа се воспоставувањето на сигурносната мрежа за комуникација со банките, имплементацијата на проектот Виртуелна технологија за управување со системот, копија и заштита на податоците.
Како директор пак на Централниот Регистар Ванчо Костадиновски има реализирано голем број на проекти. Во соработка со Светската Банка, го реализираше проектот Disaster recovery system (највисока технологија на информатички систем), и ја спроведе втората фаза од Едношалтерскиот систем за регистрација на компанија од било кое место во светот. Воведени се и голем број на новитети за кои се добиени највисоки оценки од меѓународните институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


