| четврток, 6 декември 2018 |

Без „Гравитација“ во кино

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Овој филм е фантастичен не поради тоа што спаѓа во жанрот на научната фантастика, туку поради тоа што навистина успева за сите минути, колку што трае, да ве убеди во драмата што се одвива на големото платно. Погоден од астероид и сериозно оштетен, вселенскиот брод на астронаутка Рајан Стоун е исфрлен од својата орбита, а таа е втурната во тензична битка за преживување.

Главната улога ја игра Сандра Булок, а Џорџ Клуни се појавува сосема накратко во првиот дел од филмот, на голема жалост на женскиот дел од публиката. Затоа, извонредното снаоѓање на Сандра Булок во жичките на вселенската трафостаница, кога се прашувате дали таа е куќен мајстор, водоводџија или електричар, е доволно за плакнење очи и воедно надомест за Клуновото отсуство во остатокот од филмот. Велат дека во досегашната кариера на Сандра ова е нејзината најдобра улога.

Во однос на својата фотографија, филмот „Гравитација“ е еден блескаво живописен колаж од визуелни ефекти, на граница на стварното. Во комбинација со одличната музика, овој тридимензионален пакет на бои, звуци и чувства верно го доловува впечатокот дека сте токму таму, во вселената. Режисер на овој високобуџетен проект е Алфонсо Куарон.

Животот е сон, така барем велат Толтеците. Доколку не ви се допаѓа сонот, во секое време можете да се разбудите. Но, токму будењето е дискутабилно. Добро проверете каков сон сте порачале пред длабоко да потонете во илузијата наречена „живот“, односно филм…

Илузијата често знае да биде една длабока и продолжена психолошка драма, којашто трае во недоглед. Заглавена на одредено место во кое сѐ се преповторува заради некаква блокада на мозокот. И преголема доза болка што го вкочанува телото, не дозволувајќи да се направи скок и да се оди натаму. Филмот раскажува за овие блокади преку дефектот што наеднаш му се случува на бродот со којшто управува убавата космонаутка, докторката Рајан Стоун.

Космосот обично е синоним за простор на слобода, небо, безграничност, финално одврзување од сè земско. Ако во тој простор залутаме, а сè уште не сме расчистиле со себе, со некоја своја болка од минатото, тогаш подобро да се вратиме назад и најпрво да дорасчистиме за да можеме подготвени да ја напуштиме земјата. Тоа е сижето на целиот филм! Стравот од смртта е повторно оној тригер на револверот што треба да нè разбуди од сонот и да нè направи активни учесници во сопственото сценарио. Во својот интимен филм во кој ја играме главната улога, а одвреме-навреме го извикуваме и магичниот збор: „акција“!

„Гравитација“ е интересна метафора за тоа како да преживееш на планетата Земја повеќе отколку вон границите на озонската обвивка.

За вселената. За тоа како сме поврзани со земјата, дека земјата е дизајнирана така за да ни ги овозможува условите за живот. Прво, кислород, па вода, па оган и земја. Основните потреби на дишењето, пиењето, љубовта и храната.

Што се вселенските станици? Се разбира, базната станица во филмот е на НАСА. Покрај Американците, во тивкиот космички океан плутаат вечните ривали Русите, како и Кинезите. Нашата планета, всушност, е гигантскиот вселенски брод што слободно шиба по својата траекторија низ беспаќето на космичкото пространство. И преку драмата што ѝ се случува на главната актерка во филмот, мошне суптилно се поставува прашањето дали Земјата е загубена во вселената?

Зошто не знаеме? Зошто мораме да учиме? Ќе се покаже точна теоријата на Платон за анамнезата на душите, како и за метемпсихозата…

Ние сме буквално фрлени на овој брег за да дојдеме до целта (!) и сè што правиме го правиме за постигнување на истата, а додека го правиме тоа, не знаеме ниту што е целта ниту како да дојдеме до неа, само сме водени од инстинктот за преживување, слепата вера или помалку или повеќе силната волја за живот што служи како гориво за патувањето. Кога има волја, има начин!
Загатката или наводниот апсурд* на доаѓањето до целта е што во истиот миг кога целта е постигната, се напушта овој начин на постоење за да почне друго ниво, каде што веќе не важат законите од претходното. Дишењето, пиењето, хранењето, сакањето. Во книгата „Достигнување на повисоките светови“, Мајкл Лајтман вели дека желбата е клучниот лајт мотив околу кој се одвива целиот живот на човекот. Уште само да знаевме што е тоа чудовиште наречено Човек.

Сите религии, помалку или повеќе, се согласни за едно нешто дека Создателот го направил овој свет, вклучително дизајнот на сиот ентериер, затоа што ОН СИ ИГРА САМИОТ СО СЕБЕ; ЗА ДА СЕ ОСОЗНАЕ СЕБЕСИ. Во „Моќта на сегашниот миг“ Екарт Тол таквата игра ја нарекува „лилу“. Ова е можеби најблиску до директивата на делфиското пророчиште „Сознај се себеси“!

Во зенот, во кабалата, во суфизмот, во исихазмот и воопшто во сите мистични и езотерични учења главната тенденција е да се молчи, и тоа најпрво за да се избегне напразното изговарање на името Божјо.

Што е тоа име? Звукот, сам по себе? Словото? Словесност(а)?

Од аспект на освестениот живот, од аспект на тоа дека сè што дише е израз или пројава на светлина, некаков пробив на зракот на постоењето низ процепот на небитието, тогаш во тоа крешчендо на спојот на свет, светост, свест и светлина, сè води кон тоа дека сиот универзум (еден стих – уно версум) е пројава на божественото, манифестација на неговиот збор. И не дека треба буквално да се молчи (како што, на сабат, нели не смее да се мрдне со малото прсте), туку молчењето е само начин да се чуе величенствената симфонија којашто тече во тишина. Како музика на сферите, што би рекол Платон или обидот на Филип Глас на винил да ги сними звуците на тишината!

Тоа е невозможно бидејќи она што се манифестира како тишина е брановата должина на ОНА ШТО е, на инфинитивот на постоењето, што од другата страна на физиката, е лесно слушлив(о). Отаде физиката, во бесконечното пространство на аперцепцијата каде што„да се биде“ е растоварено од силата на Земјината тежа. Или, како што рече космонаутот пред самиот крај на филмот, атерирањето е лансирање, всушност.

Што уште значи Земјината тежа? Човечкото суштество оди во пакет со воздухот што го дише, но можеби повеќе од сè со земјата за која е врзан. Витамините и минералите, железото, цинкот, бакарот. Кременадлите, спанаќот, лазањите, колачите со сирење и крофните со џем. И подобро човекот да биде нахранет со сè што е на списокот инаку стапува во сила законот за кокошкино слепило, скорбут, рахитис и евентуално спијачка болест, толку распространетата манијакална депресија…

Во што е разликата меѓу тежината и безтежинската состојба?

Сонцето. И сонцето, исто така, има своја гравитациска сила со која ја привлекува земјата да кружи околу него. Нутриционистите и во овие недофатливи зрнца прозрачност гледаат нешто што може да се претвори во масна и помалку масна клетка – витаминот Д! Тука некаде се и „гледачите во сонцето“, кои велат дека целото човечко тело е само една обична батерија што се полни на сонце и работи на погонот на сончева енергија. Па, кажано со таа метафора, човекот не е ништо друго освен еден мобилен сончев колектор.

Иако однадвор изгледа како да е ограничен, спакуван во тоа ѕвездолико тело со четири екстремитети и глава на врвот, границата на човекот, сепак, не е тоа. Таа е суптилна, порозна и повеќе личи на мембрана отколку на меѓа којашто го разграничува човекот од сè друго. Нема сè друго. Тоа сè друго, исто така, спаѓа во пакувањето, само што е со расфрлани леери слично како Рубиковата коцка, и на човекот и неговата „работа на себе“ останува да ги сфати овие леери, да им ги открива загадочните значења и шифрирани пораки, та да ги мести, поместува и разместува сè додека не ги намести да бидат во совршена хармонија. Потоа може да (се) снима на раат.

________________________________________________
*Зошто наводници? Од аспект на тоа дека, да речеме, во зенот самото патување е целта, единственото апсурдно нешто е самиот апсурд!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top