Уште во најдревните времиња, статусот на гласникот – оној кој ја пренесува пораката од „другата“ страна, без оглед на позитивната или негативната содржина, бил третиран со голем степен на толеранција, дури и со одредени почести. Тоа не било така секогаш. Често бесот на одреден владетел, констерниран од неприфатливоста на побарувањето кое дошло со гласникот, знаел да заборави на овој непишан кодекс и да постапи во согласност со своите разбранувани емоции и лутината да ја искали токму на преносителот на иритабилната порака. Вакво нешто се случило и со гласникот на Александар Македонски кога ја опседнувал Атина. Имено, изнервирани од дрскоста на младиот македонски цар и неговите „недолични“ побарувања, Атина да се предаде под негова власт, атињаните сурово го казниле Александровиот гласник со расчеречување. Потоа следела жестока битка, во која Македонците загубиле 12.000 војници, што многу ги разгневило сите Александрови војници, а најмногу, пак, самиот цар македонски. И кога, конечно, атинскиот полис паднал под фуриозните напади на македонската војска, Александар наредил градот да се запали во знак на одмазда. Градот горел три дена и три ноќи, а атинските жители доживеале невидена трагедија. Можеби затоа денес во Атина нема споменик на македонскиот најголем владетел на сите времиња. Атињаните сè уште не можат да му го простат на царот над царевите овој варварски чин, овој стравотен погром врз најзначајниот хеленски град во антиката.
Денес, по 23 века низ кои и Македонија и Елада минаа низ најразновидни историски премрежја, а од старата слава не остана ништо освен туристичката атракција, злобата сè уште не стивнува. Посебно не од страната на атињаните, кои толку многу гнев и омраза сочувале кон Македонија во својата колективна меморија, што се подготвени на сè, само овој народ – македонскиот и оваа држава – Република Македонија, да исчезнат од лицето на светот. За нив е подобро да ги загубат своите геостратегиски интереси низ обидот да искреираат две големи балкански држави, нивни историски конкуренти – Бугарија и Албанија, отколку да покажат добрососедство кон малата држава – Република Македонија, сосема безопасна за нив самите, а би рекол дури и полезна за нивните доминантни амбиции за регионот, што ги емитираат веќе подолго време, за жал, без поголема убедливост и успех.
Во овој контекст, нивниот најнов предлог за името – славјанско-албанска Македонија – не е само иритирачки, туку во потконтекстот упатува и расистичка порака. Како кај нашиот јужен сосед нацизмот и нацистичката реторика да влегуваат на голема врата. Во овој, би рекол, недоветен излив на гнев и понижување тие направија и неколку крупни грешки. На пример, зошто наместо „албанска“ не ја избраа придавката „илирска“, па да биде предлогот историски автентичен – македонско-илирска Македонија, или тие сметаат дека Илирите, исто така, се од словенско потекло, денес еманирани во Србите, Хрватите, Црногорците, Босанците и Херцеговците. Или зошто едното име е средновековно, а другото е преземено од новиот век. Впрочем, консултирајќи се со историјата на 19 век, современите Хелени се соочиле со еден непобитен историски факт, а тоа е т.н. Илирски покрет, во кој најистакнатите хрватски и српски интелектуалци на времето, како Људевит Гај, Јуриј Штросмајер или, пак, Вук Караџиќ, заговарале обединување на Јужните Словени во една културно-политичка средина врз база на сродната традиција, потекло и јазик. А, ова движење, во голема мера синхронизирано со македонската преродба од 19 век, иницира една мега-држава на Јужните Словени, во која, секако, еден значаен дел би бил и бугарскиот народ – во основа, исто така, словенски. Ете зошто итрите Грци не ги споменуваат Илирите во овој контекст, сигурно уплашени асоцијациите да не отидат во друг правец, та наместо разбивање на она што останало од македонското трагично историско искуство на северната граница, да добијат огромна и моќна словенска држава од преку триесетина милиони жители со излез на неколку мориња и со силна желба да се преиспитаат некои историски неправди, извршени врз нивните сродници насекаде во опкружувањето, а посебно во новокомпонираната држава на Елините, која патем би можела да загуби и голем дел од својата територија.
Впрочем, како би звучело ова исто име или, пак, модалитетот со кој е искреирана оваа чудна одредница да се примени на некои други држави. На пример, на Чешката Република. Тогаш таа би била означена како – славјанско-еврејско- германска република или, пак, на Унгарија, која би реферирала на хунско-еврејско-словенска државна творба, или на Бугарија – татарско-словенска држава или, пак, на самата Грција, која во овој контекст би се викала елинско-северно-африканска-турско-словенска република. Замислете како во овој контекст би звучело името на Соединетите Американски Држави, кои во својата ендогенеза ги опфаќаат речиси сите етнички групи на планетава, заедно со преживеаните староседелци – Индијанците. Секако, тоа би било едно многу долго име, веројатно многу подолго од овој текст. Или, пак, името на Индија или Бразил, со исто толку многу разни етнички групи, конституирани во современите нации.
Е, сега нека види меѓународната заедница, тој верен покровител на грчката политика, кој се навраќа на минатото и кој константно ги крши човековите права.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.