| четврток, 6 декември 2018 |

Владата објави оглас за формирање на Инспекцискиот совет

Владата распиша оглас за избор на претседател и членови на Инспекцискиот совет.

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, истакна дека Инспекцискиот совет ќе биде централното тело кое ќе биде главен регулатор на сите процеси и непосредно ќе раководи со целокупната реформа, како и со поставувањето на овој систем кој ќе внесе исклучително значаен нов квалитет во
постапувањето во самата област. Четири пати годишно Инспекцискиот совет ќе ја известува Владата за својата работа, а еднаш месечно задолжително согласно новиот Закон ќе одржува транспарентни седници на кои ќе расправа за сите претставки и поплаки кои граѓаните или компаниите ги имаат поднесено. Ќе има право за вршење на посебен вид надзор врз инспекциските служби и на тој начин значително ќе го подобри квалитетот во оваа област.

Во Инспекцискиот совет, објасни Ѓорѓиев, ќе бидат формирани две работни групи и тоа една за
ефикасност, ефективност и квалитет во работата, а втората група за обуки во која покрај
раководителите на поедините инспекциски служби ќе членуваат еминентни експерти од
конкретни области. Советот ќе ги пропишува стандардите за работа на инспекциските
служби, за етика и интегритет во постапувањето од страна на инспекторите, ќе обезбедува
хармонизација на постапките на инспекциските служби.

-Инспекцискиот совет ќе ја има улогата за раководење и организација на самите инспекциски служби преку
обезбедување надзор на финансиското, техничко, материјално и кадровско работење на
одделните инспекциски служби, но ќе обезбедува и најдобри меѓународни искуства, посочи Ѓорѓиев.

Тој потенцираше дека Владата ги охрабрува сите високостручни лица, кои поседуваат морален кредибилитет, висока етика и интегритет да се пријават на овој оглас. Масовноста, вели, не е приоритет, туку аплицирање на најквалтиетните кадри кои во иднина со нивните знаења, способности и морални карактеристики, ќе можат значително да придонесат во подобрувањето и унапредувањето на квалитетот во инспекцискиот надзор.

Условите кои треба да ги исполнат и претседателот и членовите на Инспекцискиот совет се
дадени во огласот кој е денеска објавен, а истиот е отворен до 20 ноември оваа година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top