
Амбасадорот Ристо Никовски е еден од најконтроверзните македонски јавни личности не поради неговите идеи и предлози, кои од аспект на меѓународното право и на индивидуалните човекови права се многу логични и исправни, туку поради неговите јавни изјави со кои промовира „антиамериканизам“ . Во својата нова книга „Улогата на САД во македонската голгота од 1991 година до 2013 година“ Никовски, кој како висок функционер во македонското МНР бил директно вклучен во процесот на признавање на Македонија во ОН, поврзувајќи низа настани и факти го промовира својот став дека улогата на Америка во настаните од независноста на земјата е претежно негативна. Наспроти огромен дел од креаторите на јавното мнение, кој дури и да мисли како Никовски молчи во обид да избегне конфронтација со „пријателите преку океанот“, поранешниот амбасадор на Македонија во Москва својата првична препорака за протерување на Филип Рикер ја преточи во збир на документи и факти, кои сведочат за едно поинакво доживување на активноста на САД во Македонија.
Вашата нова книга „Улогата на САД во македонските голготи (1991 – 2013)“ предизвика голем интерес во јавноста. Кој беше поводот да се напише?
НИКОВСКИ: Откако стана самостојна држава, Македонија веќе преку 20 години минува низ тешки голготи. Врз неа се кршат многубројни меѓународни норми, принципи, процедури, практика… та дури и правни рамки. Поради Македонија флагрантно се прекрши Повелбата (Уставот) на ООН; се игнорира пресуда на Меѓународниот суд за правдата од Хаг; не важат копенхашките критериуми; не се почитува Привремената спогодба, договор регистриран во ООН, што е нешто свето за целиот западен свет… Покрај тоа, со цел земјата да колабира и да капитулира, апсолутно нелегално, преку две години беа блокирани нејзините граници…
Веќе предолго, Македонија се држи на работ од длабока бездна, што мора да нѐ загрижува. Не смееме да ја држиме главата в песок, без оглед кој е од другата страна на барикадата. Ако не ѝ погледнеме на вистината в очи, немаме изгледи да опстанеме, туку постепено ќе пропаѓаме. Ќе се вртиме во маѓепсан круг, без изгледи за успех.
Така некако изгледа сегашната ситуација.
Всушност, што ни се случува? Дали е во прашање само името на државата или нешто друго, многу посуштинско? Дали, впрочем, држат обвинувањата дома дека самите сме виновни за отворањето на идентитетските прашања?
НИКОВСКИ: За да се сфати проблемот со нашето име прво треба да се расчистат две клучни работи.
Првата работа е дека целта, од самиот почеток, е промена на идентитетот на македонскиот народ, а името на државата е само начин како тоа најлесно да се постигне. Зар некому сѐ уште не му е јасно дека Атина не прифаќа постоење на Македонци надвор од Грција? Дека тие нема да се согласат со никакво решение што нема да води во прекрстување на нашиот народ? Тоа веќе отворено го говорат. Велат (Папуљас, Самарас…) дека не сме го узурпирале само името на државата, туку и на народот, јазикот… Што треба да ни кажат повеќе? Едноставно, тие сакаат монопол на брендот „Македонија“ а тоа, да бидеме начисто, не може без придавките „македонски/а/о“. Сето тоа оди заедно. Има ли нешто спорно во сето ова? Нема! А ако е така, а така е, тогаш прифаќање на какво било име за меѓународно користење значи и откажување од сопствениот идентитет. Од тој миг, за светот „Македонци“ ќе бидат тие што се измислени од Грција.
Со други зборови, се прави сѐ за дефинитивно да се затвори таканареченото „македонско прашање“, кое е повторно отворено по 100 години. Тоа може да значи само бришење на Македонците. Ништо друго.
Втората работа е дека, од самиот почеток, менаџер на случајот е – Вашингтон.
Без да се разберат овие основи на проблемот, тешко може да се оди напред.
Кои се фактите и аргументите во прилог на овие сериозни тврдења?
НИКОВСКИ: Еве, да се обидеме да ги „докажеме“ двата главни фундамента. Иако Македонија, според Бадентеровата комисија, ги исполни критериумите за признавање од страна на ЕЗ (ЕУ), со силеџиско инсистирање на Германија (МНР, Геншер), беше призната Хрватска (1992). Грција немаше улога во тоа.
При приемот во ООН (1993), Советот за безбедност (СБ) на ООН ѝ го суспендира уставното име на земјата и ѝ наметна референца. Грција не беше членка на СБ, а таму главен „играч“ секогаш беа – САД. Во 1993 година тоа беше особено нагласено бидејќи Русија беше во аут поради хаосот во земјата. Ако САД веќе и не беа главни носители на обезличувањето на Македонија, тоа не можеше да помине без нивна целосна поткрепа. САД не мораа да користат вето, можеа, едноставно, да го спречат тоа. Ако не го направија тоа, значи дека им одговараше.
Впрочем, процедурата беше и нелегална: се игнорираше Повелбата на ООН, а тоа беше можно само под диригентска палка на – Вашингтон. Никој друг не може да го направи тоа. Ниту сите други членки на СБ – заедно!
Во нелегалната процедура за прием беше одредено и посредување од страна на ООН. Прв посредник беше Сајрус Венс. Паралелно, од 1994 година до 1997 година, во процесот беше вклучен и Нимиц, како специјален пратеник на претседателот на САД, Бил Клинтон! Подоцна, тој го наследи Венс. Очигледно на инсистирање на САД, посредниците беа – Американци. Зошто? Или, зошто Клинтон имал и свој личен претставник во посредувањето? Од каде толкав интерес на САД за овој проблем? Случајно?
Првите шест земји на ЕЗ (ЕУ) ја признаа Македонија на 16 декември 1993 година и веднаш воспоставија дипломатски односи. Набргу испратија и амбасадори. САД ја признаа Македонија на 9 февруари 1994 година. Речиси две години по признавањето на Словенија, Хрватска и на БиХ. За воспоставување дипломатски односи им требаа уште цели 19 месеци. Тоа го направија на 13 септември 1995 година. Амбасада во Скопје отворија во февруари 1996 година, а амбасадор испратија на крајот од јули истата година. Четири години по Загреб, Љубљана и Сараево. Зошто толку чекање?
Ако европските амбасадори (германски, британски, француски, италијански…) беа во Скопје од првите месеци на 1994 година, зошто американскиот чекаше уште две и пол години за да дојде? Ако е во прашање солидарност со Грција, Европа е двојно обврзана за тоа – и преку НАТО, и преку ЕУ (САД само преку НАТО) и, сепак, испрати амбасадори. САД чекаа, чекаа… Значи, калкулираа, калкулираа… Зошто?
Инаку, во дипломатијата, признавањето на државата и испраќањето амбасадор се основни показатели на третманот на државата и на политиката кон неа.
(Целото интервју со Ристо Никовски ќе го прочитате во новиот број на неделникот Република кој е во продажба од денеска, 8 ноември)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


