Македонските ракометни шампионки од Вардар ќе продолжат со настапите во групната фаза од Лигата на шампионите, а следен предизвик е шпанскиот состав Бера Бера. Натпреварот се игра в недела од 18 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Вардарки славеа на првиот меч во Шпанија со 23-19, во официјалното деби на клубот во ЛШ, а досега се непоразени на 4 натпревари и се во битка за првата позиција во Д групата со Ларвик. Пласманот во четвртфиналето е обезбеден, но против Бера Бера се атакува на нова победа за прво место и продолжување на серијата без пораз.
– Ме радува што се повеќе напредуваме, а сепак има простор за напредок. ЖРК Вардар се уште не го покажал вистинското лице, а знам дека можеме многу подобро да играме – изјави Андреа Лекиќ, средниот бек во тимот, што од клупата го предводи Индира Кастратовиќ.
Ракометарките на Вардар навистина влегоа во ритам, играат се подобро, поатрактивно што е предизвик и за публиката, што доаѓа во се поголем број на натпреварите на девојките во „црвено-црни“ дресови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


