| четврток, 6 декември 2018 |

Стоилов: Дуелите меѓу Вардар и Металург станаа европско дерби

Стојанче Стоилов во изјава за клупскиот веб-стајт на РК Вардар вели дека дуелите меѓу „црвено-црните“ и лутиот ривал Металург се вистински ракометен хит и од балканско дерби прераснаа во спектакл на европската сцена. На 14 и 24 ноември следуваат два блок натпревари меѓу скопските екипи во рамките на Лигата на шампионите. Овие два меча предизвикуваат голем интерес и во Македонија, но и надвор од границите на нашата земја.

– Сега следуваат натпреварите со Металург. Овие дуели од балканско, станаа европско дерби и мислам дека ќе бидат крајно неизвесни. Љубителите на ракометот може да очекуваат вистинска борба, односно дуел да се биде или не. Мислам дека победникот и на двата натпревари ќе го решат моменти – вели пикерот на Вардар.

Стоилов жали за испуштената шанса за победа против Барселона и Пари Сен Жермен, натпревари на кои Вардар ремизираше, но и ги имаше последните напади за триумф.

– Мислам дека резултатот на натпреварите со Барселона и ПСЖ е одличен. Против двете екипи имавме напад за победа, но не го искористивме и за тоа најмногу жалам. Тун го добивме многу полесно од  очекувањата, а што се однесува до поразот од Динамо Минск, можам да кажам дека беше решен од судиските одлуки на наша штета – додава Стоилов.

Репрезентативецот на Македонија смета дека пласман во следната фаза во Лигата на шампионите, односно да се мине групата во која, покрај Вардар, се и Барса, ПСЖ, Металург, Динамо Минск и Тун би бил суперуспех.

– Приоритет секако ни е шампионската титула во домашното првенство бидејќи тоа е услов и следната година да учествуваме во Лигата на шампионите. Што се однесува до СЕХА-лигата, тоа, според мене, е натпреварување за разигрување на тимот, а најголема причина за таквиот мој став е неможноста за настап во некој од европските купови преку ова натпреварување. Што се однесува до настапите во Лигата на шампионите, очекувам пласман во следната фаза, со што би направиле историски подвиг за клубот – изјави Стоилов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top