| четврток, 6 декември 2018 |

Сервер: Грчкиот предлог навредлив, Самарас сака да го дестабилизира Балканот

Предлогот на Грција, Македонија да биде преименувана во „славјанско-албанска Македонија“ сигурно е најнавредливиот маневар во скорешната балканска историја, оценува американскиот аналитичар и поранешен пратеник на Балканот Даниел Сервер за идејата која официјална Атина ја претставила пред посредникот во разговорите Метју Нимиц, објави „Сител“.

– Грците знаат дека Македонците не сакаат да бидат опишувани како Словени, иако зборуваат словенски јазик. Тоа е слично како употребата на терминот црвенокожци – навредливо и покрај тоа што има некоја описна улога. Овој предлог е пресметан со цел да предизвика проблеми меѓу Македонците и Албанците, двете најмногубројни етнички заедници во земјата, а да не зборуваме за другите заедници како што се Турците, Ромите, Србите и Властите, пишува професорот Сервер, кој е еден од водечките коментатори за балканските прашања во САД.

Сервер додава дека грчкиот премиер Андонис Самарас води политика чија цел е колапс на Македонија, посочувајќи на негово интервју во 2009 година во кое Самарас тоа отворено го кажува.

– Грчкиот премиер го посакува колапсот на својот северен сосед – попрво ќе ги зголемува шансите тоа да се случи отколку да го решава проблемот. Обидите на Самарас да го дестабилизира Балканот веројатно нема да успеат, но можат да предизвикаат непотребни проблеми и трошоци. Најбрзиот пат за Балканот е ако Вашингтон ги покани сите поранешни југослвоенски републики во НАТО, каде Словенија, Хрватска и Албанија веќе го даваат својот придонес, оценува Сервер.

Според американскиот професор, и македонскиот премиер Никола Груевски има направено проценка дека било каков договор меѓу Македонија и Грција ќе биде полош од актуелната ситуација, во која целиот свет Македонија ја нарекува Македонија, со исклучок на Грција.

Сервер оценува дека оттаму шансите за договор меѓу двете земји се мали и поради тоа е потребно да се испочитува договорот од 1995 година и прием на Македонија во НАТО под привремената референца и прием на Македонија и Црна Гора во НАТО на самитот во 2014 година.

– Ова би било соодветна одлука, имајќи предвид дека македонската армија се бореше во Авганистан, каде дури го чуваше и главниот штаб на НАТО. Атина можеби игра тврдо против Скопје, но нема да може да се спротистави на јасна одлука, донесена на високо ниво во Вашингтон или во Берлин, која би била во согланост со Времената спогодба, како што беше решено и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, пишува Сервер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top