Евроскептицизмот денес, посебно кај европските интелектуалци, не е вперен кон Европа, нејзината култура и духовност, туку тој во најголема мера е испровоциран од монструозната и медиокритетска бирократија, која низ концептот на Европската унија ги уништува, симплифицира, униформира, карикира и стерилизира вистинските вредности на оваа цивилизација, така единствена, автентична и моќна во историјата на светот. Политички коректниот евроцентрист, оној псевдоинтелектуален карактер кој, пред сè, е восхитен од конформистичките вредности на кастрираната европска духовност денес, е во најголема мера помодарски ориентиран, трендовски цитатолог, опортунист и минорен по своите имагинативни и креативни потенцијали, апологет на галијаматисот од несупстанционалните правила и закони, кои имаат за цел европската цивилизација да ја претворат во општествен феномен, сличен на оној кој Олдоус Хаксли го опишува во својата култна книга „Храбриот нов свет“ (Brave new world), во кој луѓето се претворени во консумеристички идиоти, без трошка аналитичност, критичност и хуманост во себеси. А тоа е само едниот аспект на оваа, во голема мера, морничава стварност, која најмногу доаѓа од страна на неолибералистичките кругови, инспирирани од илузорноста на американскиот сон. Другиот, пак, дел, оној револуционерниот, кој во своите сништа сè уште мечтае за комунистичкиот поредок и социјалната правда, со која нема ништо заедничко, барем што се однесува до нивната практична дејност (што би рекол Карл Маркс), е извонреден модел за реинкарнирањето на орвеловските претпоставки, изложени во книжевните дела на овој крипто-аристократ, задоен со социјалистичките идеи, пред сè, во незаборавните „1984“ и „Животинска фарма“. Така, овие необолшевици, добро вткаени во политичките структури на ЕУ, влијаат ретроградно на сите прогресивни или иновативни процеси, кои, освен голата егзистенција, имаат цел да ја подобрат и културната и духовната состојба на стариот континент.
Денес културата на ЕУ, значи не на Европа како древен и гигантски пантеон на човековиот ум и креативност, туку како административна мрежа на конформистички медиокритети, со крајно сомнителни културни и духовни вредности, е претворена во бастион на светско ниво, од кој се емитираат најразличните модалитети на дискриминација, а како кулминација на овие нехумани тенденции, сублимира стратегија на „љубезниот фашизам“ – феномен кој станува непобитен и незаобиколив карактер на однесувањето на новите европски елити, пред сè во политиката, но и во културните и во економските афери.
Тоа ние, народите на Балканот, а посебно македонскиот народ и народностите на оваа политичко-економска територија, најдобро го имаме почувствувано безброј пати. Но, сите тие понижувачки и потсмешливи манифестации не можат толку да говорат за нашата инфериорност, која, наспроти историското искуство и истренираната трпеливост, лесно испарува од нашата колективна меморија, туку за нивната вообразена и возгордеана позиција на игнорантност, која полека, но сигурно станува гротескна претстава за интелектите со продлабочен поглед на нештата, и тоа не само во Македонија, Балканот и Европа, туку и во светот.
Денес Европа, од најсупериорниот фактор во светската политика и економија, полека, но сигурно се претвора во еден маргинализиран сектор, кој масовно ги губи своите интереси и влијанија и, каква несреќа (за барем дел од државите од ЕУ) полека, но сигурно добива имиџ на социјален случај. Ова се однесува на цел еден сет земји, длабоко заглавени во економската рецесија, општества без визија и оптимизам, во кои, меѓу другите, можеби и најеклатантен пример е нашиот јужен сосед. Токму и на овој пример може да се проучува (во мало, но со индукциска веродостојност) целата општествено-политичка малформација која го има зафатено стариот континент и која никако да запре. Следбениците на ЕУ-симулакрумот на општествената среќа и политичките хармонии се, главно, неедуцираните широки маси, кои во својот постојан апетит со висок интензитет и со своите материјалистички квази-филозофии, базирани на биолошкиот опортунизам и на социјалниот дарвинизам во потконтекстот, стануваат популистичка база на сè уште силните позиции на евробирократските елити и нивните илузионистички претстави, полни со ветувања. Овој популистички занес, на сè поосиромашените маси, што фрустрирано дрочат по маргините на унијата, е главното погонско гориво на оваа веќе во голема мера потрошена идеја. А, тука има цел еден спектар од лажни претстави за европскиот и за светскиот мир, како и за проектираната илузорна слика за општествената благосостојба. Овие претстави сè повеќе и повеќе се разобличуваат, за на крајот од приказната да не остане ништо или нешто сосема бедно или ништожно. Тоа најдобро го гледаат самите граѓани на Европската унија, која како да изврши кастрација на сите тие национални европски држави, кои додека не беа ставени во прангите на супербирократијата од Брисел, беа и прогресивни, и влијателни, и моќни.
Денес само бедните сонувачи на среќните и богати општествени состојби сè уште трчаат кон палисадите на Унијата како слепци. Овие антропоморфни Ленинзи, со целата лимитираност на своите анимализирани интелекти, грабаат кон стапицата на политичко-економската гибел како хипнотизирани. Феноменот на „продавањето на верата за вечера“ не е воопшто ретка појава во менталитетот на луѓето, напротив, како историјата да е преполна со овие манифестации, а токму вредноста на автохтоното, или ако сакате херојското однесување на човека, е реткост и е содржано во јакото, индивидуално опстојување на доблестите и вистината. Затоа веќе историски поразените тоталитаризми, какви што се болшевизмот, фашизмот и нацизмот, повторно добиваат некаков романтичен шарм во умовите на сите оние грдно разочарани граѓани на Европската унија. И тоа е само грозоморниот контрапункт на импотентната и флегматична атмосфера, генерирана од бирократските могули на Европа денес.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.