Тешко е да се направи систематска статистичка процена за увид во фактичката состојба во животот на луѓето, во земји со длабоки општествени промени, војни, особено граѓански. Но, не според аритметиката од памет, туку според ситуацијата на теренот.
Лесно се манипулира со паушални податоци што некој ги измислува според штреберски дефиниции, според теоретски принципи. Практиката често знае да изненади со својот подбивен однос кон дефинициите што со секоја своја буква го гарантираат „неограничениот“ рок на траење. Денес низ помалите градови на Македонија кружи еден ваков виц:
– Знаеш ли зошто е намалена невработеноста во Македонија?
– Зошто?
– Прашај во Амбасадата на Америка, сите невработени се преселија на новиот континент.
Дегутантно е да се ажурира точноста на кој и да било аспект од сивата економија во ова време на „made in China“, кога секој оригинал има своја речиси непрепознатлива алтернатива! Фалсификат и загуба на квалитетот само поради премногу евтината работна рака во далечноисточните земји…
Можеби во срцевината на овој извикан проблем лежи човековиот личен однос кон парите.
Најпрво тој се гради преку семејното воспитување, а потоа се доградува преку државниот образовен систем, како и преку општествената заедница со етички кодекс под влијание на електронските медиуми, црквата и невладините организации. Финалниот продукт на овој комбиниран блендер со едно име, предрасуда. Колку повеќе човекот е несвесно натоварен со предрасуди, толку потешко и побавно ќе успева да застане на свои нозе. Само економски независен би имал слободно време да си го оствари својот личен сон за среќа, а не да работи за да преживее.
Во овој сон секој има според своите потреби и вредности. И има затоа што успеал да ги легитимизира своите потреби и вредности, надминувајќи ги стеротипните ограничувања и стравот од ризикот. И тоа во време кога „банкоматите се под видеонадзор“, а медиумите за масовно информирање станале полоши од Управа за јавни приходи. Скришните творци на јавното мнение од сенка ги спинуваат просечните примања во сите сектори на стопанството каде што нешто се работи: „Не смее да се има премногу“. „Никој не смее да биде побогат одошто е дозволено“… А, дозволеното секогаш ги поместува границите. Но, главното останува: негаторски однос спрема поседувањето, кон тоа да се биде „богат“.
Тајната на ова скриено лицемерие, притаеното богатство, најдобро ја знае таканаречената црвена буржоазија, дрвеното железо од времето на социјализмот! Па, што во тој контекст би значела изреката: „Кој има ќе му се додаде, кој нема ќе му се земе и тоа што мисли дека го има?“
Можни се разни толкувања: Светската банка има сè повеќе и сè повеќе дава на неразвиените. Ама, сиромашните се сè повеќе експлоатирани, сè повеќе осиромашуваат. На пример, дали средствата од фондовите на ИПАРД ги цица црната дупка на офшор-сметките на локалната самоуправа и нејзините бирократски ходници загубени во лошиот превод? Или, додека на некој не му се стемни, на друг не може да му се раздени?
Еве што вели економистот: доволно е каматата да биде толку ниска што секој да може да се задолжи.
Политичарот: Ќе направиме долгорочен план за излез од сиромаштијата.
НВО: Ќе организираме конференција и митинг за поддршка на тие што мислат дека имаат, а немаат.
Подземјето: Ќе ги направиме зависници од дрога, а потоа полека ќе ги цедиме!
Инженер: Ќе направиме мост меѓу богатите и сиромашните…
Филозофот: Нема богати и сиромашни, сè е илузија!
Светската здравствена организација: Кој има неизлечива болест ќе му се додаде скапо лекување, а кој нема, може да се излечи со 40 дена гладување.
Ѓубраџијата: Подобри се овие што мислат дека имаат, нивното ѓубре не ме заморува…
Градоначалникот: Кога ќе направиме трамвај, со него ќе се возат оние што мислат дека имаат!
Таксистот: Овие што мислат дека имаат, секогаш одат по скратениот пат…
Психоаналитичарот: Една обична камила полесно ќе легне на мојот кауч одошто некој богат.
Фармацевтот: Оној што мисли дека има секогаш го боли глава, но не може да си купи аспирин. Оној што има, не го боли глава.
Компјутерџијата: Оние што имаат нека се исклучат, а оние што мислат дека имаат нека направат рестарт.
Кондураџијата: Оние што мислат дека имаат дупло ги плаќаат истите чевли. Еднаш, кога ги купуваат, а вторпат кога мораат да ги закрпат дупките зашто не можат да си купат нови!
Слаткарот: Оние што мислат дека имаат јадат колачиња со шербет, а оние што имаат, секогаш се на диета…
Проститутката: На оние што мислат дека имаат можам да им дадам за џабе, само ако не мислат така.
Снобот: Подобро да имам како овие со благородничко потекло одошто да мислам дека имам, а немам…
Управен одбор на БМВ: Нашата целна група се оние што сакаат брзо и да мислат.
Автостоперот: Ако ми застане „застава 101“, возачот е од оние што мислат дека имаат. А, можеби и ќе треба да го туркам ако му снема бензин. Ако застане џип, може да е фатаморгана – оние што имаат не застануваат.
Шегата на страна. Денес „Капитал“ е едно од најбараните четива по антикварните книжарници. Па, Маркс нема друга работа освен да се превртува во гробот! Тоа сигурно му го посакуваат гробарите на урнатиот комунизам! Меѓутоа, ако внимателно се загледате во понудата на влијателните светски издавачки куќи, „марксистичката економија“ е повторно на врвот на топ-листите! Да не претераа малку книжевните трендсетери кога на идеолошките матрици им пристапуваат во белетристички манир?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.