По повод 140 години од постоењето на железницата во Македонија, Музејот на Град Скопје вечер ќе отвори изложба за првата линија Солун – Скопје во 1873 година. Изложбата ќе го опфати и развојот на овој вид транспорт во светот, кој датира од 1825 година, кога во Англија бил пуштен првиот воз од Стоктон до Дарлингтон.
Автор на изложба е историчарката, виш кустос Зоја Богдановска.
– Таа става акцент на железниците во Македонија следејќи го нивниот развој низ повеќе историски периоди од 1873 година до денес, со посебен осврт на развојот на железниците во Скопје. Низ изложбата провејуваат многубројни историски настани врзани за железниците во Македонија, соопшти Музејот на Град Скопје.
Изложбата е збогатена со музејски експонати од фондот на музејот, како и со голем број значајни предмети, собрани и обработени од Ванчо Милошевски, кои се сопственост на Македонски железници – инфраструктура. Во соработка со Кинотеката на Македонија, пак, изложбата е надополнета и со документарни филмови за железниците во Македонија.
Изложбата вечер во 19 часот во Музеј на Град Скопје ќе ја отвори скопскиот градоначалник Коце Трајановски и ќе може да се посети до 19 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


