Фудбалскиот клуб Металург го претрпе првиот пораз во домашното првенство, а „13-та“ беше баксузна за металурзите. Во денешното 13. коло новакот во елитата Гостивар го победи тимот од Автокоманда со 3-1, и тоа со пресврт, со 3 погодоци во второто полувреме. Симоновски со гол во 14 минута им донесе предност на гостите, а Таири од пенал и Дехари со два погодоци во 59 и 89 минута му донесоа победа на новиот прволигаш.
Домашните ја забележаа втората победа, но, сепак, останаа на последното место на табелата со 10 бода. Металург падна на петтата позиција со 20 бода.
Врвот со триумф од 2-0 против Еуромилк го сочува актуелниот шампион Вардар. Во Охрид се играше скопско дерби, а со головите на Рељиќ и на Стојков во второто полувреме славеа „црвено-црните“.
Втората фудбалска пресметка меѓу екипите од Скопје беше во Ѓорче Петров, каде Работнички ја победи домашната Македонија со 3-2. Крсте Велковски со два гола и Маркоски со еден погодок му донесоа огромна предност на клубот Дебар маало, а Гачевски и Адеми во самиот финиш најавија подвиг, но Македонија немаше сили за да стаса до бод. Интересно е што сите 5 гола беа постигнати во второто полувреме во интервал од половина час, од 52. до 82. минута.
Најубедлива победа во вонредното коло забележа Ренова и тоа во Битола против Пелистер. „Гипсарите“ славеа со уверливи 4-0, а стрелци беа Емини, Реџепи, Рамадани и Сали. Кај домашниот тим двајца играчи беа изклучени. Предвреме теренот поради црвен картон го напуштија Христов и Китановски.
Амбициозниот тим на Шкендија со 2-0 ја победи Брегалница и побегна од зоната за испаѓање. Селмани со два гола во првиот дел рано го одлучи победникот во Тетово. Напредок и Турново ги поделија бодовите во Кичево со реми, 2-2.
Табела: Вардар 24, Турново, Ренова и Работнички по 21, Металург 20, Брегалница 19, Пелистер 18, Шкендија 17, Еуромилк 14, Македонија Ѓ.П., Напредок и Гостивар по 10 бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.