| четврток, 6 декември 2018 |

Културата доби нова приказна во „Матица ексклузив“

Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ денеска беше отворена изложба на скулптури и цртежи од Илија Аџиевски. Пред љубителите на уметноста познатиот уметник се претстави со шеснаесет скулптури и 22 цртежи. Изложбата ја отвори поетот Ефтим Клетников, а во рамките на изложбата беа промовирани и книгите: „Спомени од мојата младост“, „Струшки зборој“ и „Цеца“.

Илија Аџиевски спаѓа во редот на најзначајните современи македонски скулптори, а неговите дела се високовреднувани од ликовната критика. Досега самостојно изложувал над триесет пати во Скопје, Прилеп, Битола, Струга, Охрид, Дебар, Ниш, Белград, Тузла, Загреб, Подгорица, Софија, а учествувал и во над сто групни изложби. Добитник е на значајни национални и меѓународни награди.

Со изложбата на Илија Аџиевски мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ ја продолжува востановената практика да ги промовира високите вредности на македонските сликари. Во изминатите месеци со свои дела беа претставени сликарите: Васко Ташковски, Коле Манев, Газанфер Бајрам, Владо Георгиевски, Симон Шемов и Глигор Чемерски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top