| четврток, 6 декември 2018 |

Светска банка: Македонија повторно меѓу 10 најдобри економии кои ја подобриле деловната клима

Svetska banka

Според најновиот извештај на Светска банка и ИФЦ, Македонија по четврти пат е меѓу десетте врвни економии во светот.

Според извештајот, Република Македонија го олеснила добивањето електрична енергија преку намалување на времето што е потребно за добивање нов приклучок и преку утврдување фиксен надомест за приклучување по киловат за приклучоци што бараат моќност до 400 kW, а воедно го зајакна својот систем за обезбедени трансакции преку обезбедување поголема флексибилност на описот на средствата во договор за гаранција и на видовите долгови и обврски што можат да се обезбедат.

Освен тоа што Македонија повторно е меѓу десетте врвни економии во светот, исто така, според извештајот „Дуинг бизнис“, земјава е една и од петте економии што најмногу го затворија јазот со светските добри практики од 2005 година. Во областите на почнување бизнис и добивање кредит, таа се рангира помеѓу десетте најдобри економии во светот.

– Уште еднаш, Република Македонија се докажа дека е лидер во регионот и пошироко во подобрувањето на деловното опкружување, мерено за извештајот „Дуинг бизнис“ – вели Татијана Проскурјакова, директорка на канцеларијата на Светска банка во Скопје.

Тие достигнувања, посочува, можат да ги надополнат напорите на Владата и приватниот сектор во ублажување на последиците од криза во еврозоната и решавање на ниските стапки на вработеност. Истовремено, остануваат уште предизвици. Владата на Република Македонија и Светска банка работат заедно во понатамошно подобрување на инфраструктурата, вештините на работниците и севкупната конкурентност на земјата, наведува Проскурјакова.

Македонија е најдобра во ЈИЕ и прва во регионот, пред Хрватска и Словенија.

Инаку, Сингапур е на првото место во светското рангирање на леснотијата за водење бизнис, а на листата меѓу првите десет земји се најдоа и Хонгконг, ЈАР, Кина, Нов Зеланд, САД, Данска, Малезија, Република Кореа, Грузија, Норвешка и Обединетото Кралство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top