– Загреб беше подобар тим во финишот од натпреварот. Ние направивме неколку големи грешки во одбраната и мислам дека тоа го реши победникот. Им честитаме на победата на ракометарите на Загреб, а ние сега се насочуваме кон натпреварот со Металург во Лигата на шампионите – изјави тренерот на РК Вардар, Андон Бошковски, на прес конференцијата по неизвесниот дерби меч од 8. коло од СЕХА ГЈТ лигата, што Вардар го загуби со еден гол разлика.
Според бекот на Вардар, хрватскиот интернационалец Игор Карачиќ, деконценрацијата во финишот од мечот била решавачка за поразот.
-Честитки до Загреб за победата. Ова беше одличен натпревар, вистинско дерби, кој беше решен во последните моменти. Мислам дека не игравме доволно концентрирано во финишот, и затоа на крајот сме поразени. Сега ќе се насочиме кон мечот со Металург во Лигата на шампионите – изјави Карачиќ.
Тренерот на Загреб, Дворшек задоволен од перформансите на неговиот тим.
– Одигравме одличен натпревар, ја посакувавме оваа победа повеќе од Вардар и навистина сум среќен што победивме, особено поради нашите навивачи. Ова беше вистинско дерби меѓу двата досегашни шампиони, и морам да повторам дека сме многу среќни што успеавме да совладаме квалитетен тим како што е Вардар – – дополни Дворшек.
Најдобриот ракометар на Загреб Лука Степанчиќ, кој постигна 9 голови, е задоволен од поддршката од навивачите, која неговиот тим ја добивал во текот на натпреварот со Вардар.
-Атмосферата беше одличн,а и задоволен сум од бројот на навивачи кој дојде да ни ја даде својата подршка на овој меч. Одлично го одигравме овој натпревар, како во одбраната, така и во нападот, а решавачки беше финишот, во кој ние подобро се снајдовме. Му посакувам на Вардар успех на мечот од ЛШ против Металург, и се надевам дека ќе се сретнеме одново на “фајнал-фор турнирот” во СЕХА лигата– изјави најдобриот стрелец на натпреварот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.