| четврток, 6 декември 2018 |

Авангардизам

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Зборот „авангарда“ потекнува од француската воена терминологија и означува извидничка формација, чија цел е да го истражи теренот на кој допрва треба да навлезе главнината од воените сили. Во времето на наполеоновите походи по Европа, овој збор – „авангарда“ доби голема гласност и беше често употребуван за поинакви состојби од милитаристичките, а кои означуваа потфати на истражување и авантура во непознатото.

Во почетокот на минатиот век зборот „авангарда“ или „авангарден“ доби културолошки конотации и сè почесто беше употребуван во означувањето на новите тенденции во уметноста, најчесто неприфатени и отфрлани од конвенционалниот вкус на публиката. Овој феномен во културниот вокабулар одеше паралелно со вулканот на нови пристапи во уметноста, со новите стилови и погледи на креативноста, кои многу зачестија и станаа толку далечни на сфаќањата на традиционалната уметност, што овој конфликт на преференции на опозитните групи прерасна во своевидна културна револуција. Така зборот „авангарда“ доби крајно романтично значење за протагонистите на новата уметност, токму поетизирајќи го борбеното и милитарното, и доведувајќи ја културната хармонија, која владееше во Европа повеќе векови, до дисбаланс. Така авангардата, која во културниот живот на Европа влезе во 1905 година со фовистите (Матис, Дерен и Вламенк), продолжи во Германија со експресионистичките групи „Die Brücke” и “Der blaue Reiter”, па во Русија со супрематизмот и конструктивизмот, во Италија со футуризмот, во Швајцарија со дадаизмот од 1917 година, минувајќи ја во меѓувреме таканаречената „Париска школа“, која ѝ го диктираше правецот на модерната сите тие години, преку кубизмот на Брак и Пикасо (уште од 1907 година), па американскиот модернистички експеримент и, конечно, со надреализмот и неговиот манифест составен од Андре Бретон (од 1924 година), ја финализира својата „авантура“ во непознатото и заврши со својата автентична фаза, поставувајќи ги новите односи кон сфаќањето на уметноста. Потоа доаѓа до период на втемелување на овие нови вредности во естетиката, создавање културна инфраструктура за нивна дистрибуција и дисеминација низ цивилизираните општества на планетава како една нова уметност. Втората светска војна ги запира овие амбициозни планови.Тоталитарните режими кои се инсталираат во Евроазија пред Втората светска војна имаа силно инхибиторно дејство врз авангардата. За болшевиците, авангардата е неразбирлива за масите, тоа е некомуникативна уметност создадена за буржујските снобови. За нацистите тоа е „дегенерирана уметност“, уметност без „техне“ која ја поддржуваат мрачни и болни умови и која е дел од конспиративните културни стратегии на светското еврејство. Сепак, фашистите во Италија фасцинирано ја поддржаа авангардноста на футуристите и нивниот поетичен идеолог Маринети, кој пееше –

„Доста со гондолите
Тие нишалки за идиоти
Дајте ни пароброди
Низ каналите на Венеција…“

По Втората светска војна авангардната уметност, која немаше веќе никаква смисла да се нарекува така, еруптира во слободниот, Западен свет и доживеа силен ривајвл, пред сè во Америка. Тоа беше едно задоцнето, но триумфално однесување на американскиот, сè уште неизживеан, авангардистички сон, овој пат втемелен во новиот победнички менталитет на младата суперсила, преполна со живот, идеализам и амбиции. Така европскиот авангардизам доживеа реинкарнација низ американската желба за создавање културна доминација, без која економската и политичката супериорност би изгледале залудни и беспредметни. Пазарот на уметност се ширеше со ентузијазмот на новите воодушевени културни менаџери од другата страна на „барата“. И сè така, до виетнамската „авантура“ на американската политика, кога одеднаш сите станаа авангардни, а со тоа самиот поим на авангардност стана апсурден. Тоа, всушност, беше предворјето на постмодерната, која веќе немаше своја фиксирана и револуционерна реторика, туку беше повеќе збунетост од празнината која настапи по сосема евидентниот и дефинитивен колапс на модернизмот и веќе двапати родениот авангардизам. Како Дионис, (двапати носен или роден), така и авангардата беше беспоговорно фиксирана на историскиот пејзаж, без какво било логичко право повторно да се наметнува на уметничката сцена со целата гротескност на потрошените утопии. Од осумдесеттите години на минатиот век ниту еден сериозен теоретичар на уметноста не се обидува да менаџира со поимот авангардност за да ги опише состојбите во современиот уметнички дискурс. Тоа посебно се избегнува во контекст на една исфорсирана револуционерност и политизација на творештвото. Но, тука, во нашето културно милје, поимот авангардност не само што преживеа, туку и се засили во една речиси симулирана болшевичка практика, фиксирана за политичките стратегии на криптокомунистите, за кои авангардноста, пред сè, сфатена политички, како револуција, е ултимативна вредност на секоја валидна креација во современата уметност и култура. Тие денес ја користат „авангардноста“ за пропагандистички цели, означувајќи ја културата на урбаните елити од минатиот, веќе пропаднат социјалистички културен систем, кој уште од 1948 година кореспондираше со културните текови на Западот. Најчесто на следбенички и плагијативен начин. „Но тешко било да си авангарден, нели ?!“ Таква е нивната, веќе до баналност, патетична реторика. Сепак, агресивноста не им недостасува и оваа несекојдневна надареност им носи револуционерна аура. Тие се воедно и авангардни и револуционерни, и сѐ што ќе им застане на патот треба да се разбие и уништи. Пред сè власта, за која будни сонуваат и сè што власта финансира на полето на творештвото, несвесни дека огромен дел од финансиите завршува токму кај нив – „авангардните“.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top