| четврток, 6 декември 2018 |

Петицијата за сексуално образование ја потпишале 2.801 граѓанин

hera

ХЕРА преку соопштение ја извести јавноста дека петицијата за сеопфатно сексуално образование ја поддржале 2.801 граѓанин на Република Македонија. При тоа биле испратени 1.862 поштенски картички адресирани до Министерот за образование и наука, со барање за преземање конкретни мерки по ова прашање.

– Граѓаните имаа можност да ја поддржат оваа десетдневна петицијата преку штандовите на ХЕРА и преку испраќање картичка, но и преку интернет. Промотивните штандови беа поставени по неколку часа во Битола, Тетово, Куманово, Струмица, Штип и во Охрид, додека во Скопје штандот беше отворен 3 дена. Интересен е податокот дека најголем дел од граѓаните решија да ја изразат својата поддршка, дури 1.116 од нив, само преку потпишување поштенска картичка адресирана до Министерот за образование и наука, без при тоа да остават лични податоци.

ХЕРА го извести министерот за образование и наука за исходот од петицијата и воедно, уште еднаш, побара официјално мислење за „Прирачникот за наставници од основните училишта за теми од областа сексуално и репродуктивно здравје“, подготвен од ХЕРА и стручни лица, а доставен за стручно мислење до Министерството во април оваа година. Поконкретно, ХЕРА бара увид во рецензијата на којашто министерот ја темели својата изјава дадена на денот на промоцијата на петицијата, дека прирачникот „употребува експлицитна терминологија која е несоодветна за возраста на децата“, се вели во соопштението.

ХЕРА им се заблагодарува на сите граѓани што дадоа поддршка на петицијата и се заложува дека ќе продолжи да работи сѐ додека наставните програми и информациите во делот на сексуалното и репродуктивното здравје не бидат подобрени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top