| четврток, 6 декември 2018 |

Червар: Металург е сложно семејство

Металург продолжува без поголема пауза со настапите на интернационалната сцена и по дуелот со Динамо Минск во Лигата на шампионите, утре на ред е натпреварот од СЕХА-лигата против Татран Прешов. Словаците имаат незгоден тим, го намачија Вардар, а сега на испит ќе го стават и вториот македонски претставник во регионалната лига, Металург.

– Имаме два меча од СЕХА-лигата пред продолжението на Лигата на шампионите. Ќе продолжиме по истиот терк во Регионалната лига и ќе им дадеме шанса за промоција на тие што помалку играат и против Татран Прешов и со Војводина. Татран е одлична екипа со моќна надворешна линија. Имаат висина, добри шутери и играат брзо, модерно. Треба да ги задржиме двата бека Кристопанс и Рабек, а секако не смееме да заборавиме и на Пејовиќ, кој одлично се снајде во Татран. Сакаме да ја подобриме одбраната иако се знае дека имаме голем проблем со повредата на Велко Марковски. Тоа трае уште од бараж-дуелите со ПИК Сегед и не е лесно да се игра во ситуација кога еден од клучните ракометари во одбраната ви е повреден. Овојпат ќе го поштедиме и Ванчо Димовски. Тој нема да игра поради проблем со рамото и нема да биде во тимот против Татран Прешов – изјави Лино Червар.

Хрватскиот стратег додаде дека Металург со сето она што го прави за македонскиот ракомет заслужува поголем респект. Во фокусот на вниманието е суспензијата на Дарко Станиќ.

– Имам чувство дека се сака да се претстави Металург како клуб што случајно стасал до оваа позиција што ја има. А, тоа не е точно. Ние сме едно сложно семејство. Секаде има проблеми, така и кај нас, што е нормално. Станиќ има големи заслуги во развојот на Металург, но тимот е најсилен играч, не поединците. Металург е локомотивата и на развојот на младинскиот ракомет во Македонија и затоа заслужува респект. Благодарение на нашиот клуб и одличната работа со талентите Македонија има шанса по цела деценија да се избори за пласман на големо натпреварување во младинските категории. Макотрпно се трудиме да создадеме добри млади ракометари, за доброто на македонскиот ракомет. Тоа е вистината за Металург, клуб што е сложно семејство – изјави Червар.

Натпреварот со Татран Прешов се игра утре од 20.15 часот во салата „Борис Трајковски“. Влезниците се по цена од 60 денари, а Металург дел од средствата ќе донира за лекување на Јовица Блажевски-Јоце.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top