Во Даутпашиниот амам, синоќа во присуство на бројни гости и почитувачи на уметноста, беше отворена голема изложба на основоположникот на македонската современа уметност, Никола Мартиноски.
На изложбата, која се организира по повод 110 години од раѓањето и 40 години од смртта на големиот мајстор, презентирани се 50 дела во масло на платно, стакло и картон и 20 цртежи, а како дел од оваа изложба македонската јавност за прв пат може да ги види двостраната слика “Акт” изработена околу 1930 година и “Цвеќе” од 1940 година, дела кои беа успешно конзервирани од Ема Петрова.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање на отворањето на изложбата нагласи дека името на Мартиноски е симбол за непроценливоста на македонската уметност пред светот.
– На младите генерации оваа изложба ќе им овозможи продлабочено сознание за авторскиот придонес на Мартиноски и неговите дела кои се творечка сопственост не само на македонската туку и на европската култура и уметност – рече Канческа-Милевска. Министерката за култура информираше дека изложбата е една од активностите со кои се одбележува големиот јубилеј на овој автор.
– Министерството за култура на Република Македонија оваа година обезбеди поддршка и за реконструкција на Галеријата на Мартиноски во неговото родно Крушево. Исто така во иднина, како и досега ќе продолжиме со откупот на неговите вредни дела кои настојуваме да станат дел од фондовите на нашите институции – подвлече Канческа-Милевска.
На отворањето на изложбата се обратија и директорката на Националната галерија на Македонија, Халиде Палоши, а за исклучителното значење на Мартиноски во македонската ликовна уметност зборуваше академик Глигор Чемерски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.