| четврток, 6 декември 2018 |

Златни три бода за Борусија во Лондон, на Сан Сиро мирољубиво

Во групите Е, Ф, Г и Х од Лигата на шампионите беше одиграно третото коло.

Во групата Х Милан и Барселона одиграа 1-1 и ги поделија бодовите. Се чини дека ова беше најреален резултат по бројните шанси што ги имаа двата тима во текот на 90 минути. Милан поведе преку Робињо во 9 минута по извонредната акција со неговиот сонародник Кака. Израмни Меси во 24 минути по додавањето на Иниеста.

Во вториот натправар од оваа група Селтик на домашен терен извојува значајна победа со 2-1 против екипата на Ајакс. Стрелци за Селтик беа Форест во 43 минута од пенал и Кајал во 54. Во судиското продолжение во 94 минута стрелец за Ајакс беше Шоне.

Вториот дерби натправар во ова коло се одигра во Лондон во рамките на групата Ф. Арсенал беше непријатно изненаден од Борусија Дортмунд со 1-2. Гостите стрпливо ја чекаа својата шанса и заслужено ги однесоа трите бода со себе. Поведе Борусија со голот на Мхитарјан во 16 минута, а изедначи Жиру во 41. Во вториот дел се играше претпазливо. По една полуконтра Левандовски во 82 минута стрелаше прецизно и и донесе на својата екипа значајни три бода.

Во Марсеј екипата на Горан Пандев Наполи исто така на гостински терен освои три големи бода со победата над Олимпик од 1-2. Наполи поведе со 2-0 преку Кањехон и Запата во 42 и 67 минута,а во финишот на натпреварот Аје стрелаше за Марсеј само за да го ублажи поразот. Горан Пандев цел натправар го проследи од клупата за резервни играчи.

Сигурен патник во осминафиналето по само три одиграни кола е екипата на Атлетико Мадрид. Атлетико ја потврди одличната форма од почетокот на сезоната и со третата победа од 0-3 овојпат на гости го победи тимот на Австија Виена. Сигурни реализатори за тимот на Мадрид беа Гарсија во 8 и на двапати Диего Коста во 20 и 53 минута.

Вториот натпревар од групата Г се одигра во Порто. Порто беше ослабен по добивањето на црвениот картон на самиот почеток на натпреварот односно Херера заработи втор жолт картон уште во 6 минута и заслужено се пресели на трибината. Надмоќниот Зенит го скрши отпорот и преку рускиот репрезентативец Кержаков дојде до значајни три бода во финишот на натпреварот во 86 минута.

Тимот на Челси во рамките од групата Е ја покажа сета своја моќ на гостувањето во Гелзенкирхен и со убедливи 3-0 го победи Шалке. Ова беа повеќе од важни бодови за тимот од Лондон. Фернандо Торес кој ја доби довербата од Жозе Мурињо се реванпираше со два гола во 5 и 69 минута, додека Азар само ја потврди супериорноста и во 87 минута ги постави конечните 3-0.

Екипата на македонскиот репрезентативец Даниел Георгиевски Стеауа ремизираше на свој терен против тимот на Базел. Георгиевски ги одигра сите 90 минути за својот тим. Поведе Базел на почетокот на второто полувреме во 48 минута со голот на Диаз, а Стеауа успеа да извлече бод на две минути пред крајот преку Тату.

 

Група Е: Стеауа – Базел 1-1, Шалке – Челси 0-3.

Табела: Челси 6 бода, Шалке 6, Базел 4, Стеауа 1 бод.

 

Група Ф: Арсенал – Борусија Дортмунд 1-2, Олимпик Марсеј – Наполи 1-2.

Табела: Арсенал 6 бода, Борусија Дортмунд 6, Наполи 6, Марсеј 0 бодови.

 

Група Г: Порто – Зенит 0-1, Австрија Виена – Атлетико Мадрид 0-3.

Табела: Атлетико Мадрид. 9 бода, Зенит 4, Порто 3, Австрија Виена 1 бод.

 

Група Х: Селтик – Ајакс 2-1, Милан – Барселона 1-1.

Табела: Барселона 7 бода, Милан 5, Селтик 3, Ајакс 1 бод.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top