
Скопските судии бараат јавноста да не биде еднонасочно информирана за причините за казната за новинарот Томислав Кежаровски кој вчера беше осуден на 4,5 годишна казна затвор. Тие во брифинг за новинарите велат дека за вакви дела се изрекувани и во неколку други земји и особено од трибуналот за поранешна Југославија во Хаг.
На Кежаровски му се судело поради тоа што со тоа што во весник истакнал податоци, име, дел од телефонски број и останати податоци кои го скицираат, сликаат и откриваат иденитетот на сведокот Бреза го довел во опасност по живот, за што се жалел и самиот сведок Бреза. Името на заштитениот сведок, Кежаровски го објавил неколку пати. Освен тоа целосно го разоткри идентитетот на лицето чие сведочење можеше да биде клучно во еден голем судски случај, каде се бараше правда – пишува Курир.
На новинарот му се стави на товар дека незаконски го објави името на заштитениот сведок за убиството во Ореше, за кое судот на 29-ти март годинава, поради немање докази, ги ослободи браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, како и Ѓоре Петровски, од обвинението за платено убиството на 74-годишниот Лазар Милошевски од велешкото село Ореше. Претходно браќата беа осудувани два пати на по 12 години затвор, но Апелација, двапати ја поништуваше првостепената пресуда. Истиот судија, Илија Танев, по две пресуди, ги ослободи од обвинението убијците и нарачателот. Во весникот „Репортер“ Томислав Кежаровски во својот текст, во повеќе наврати го објавува името на заштитениот сведок со псевдоним Бреза – објави Курир.
Судиите бараат тие што ги напаѓаат да се стават за момент на местото на оние кои што поради делото “неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица”, биле директно загрозени. И на лаик му е јасно дека откривање на идентитетот на лице (загрозен сведок кој подоцна е ставен во програма за заштита на сведоци) е тешка повреда на законот при што биле објавени класифицирани инфомрации – објави Канал 5 повикувајќи се на судски извори.
Понатаму Канал 5 објавува изјави од судиите дека Кежаровски и осудениот судија Зафиров морале да ги знаат последиците од нивните дела, велат судски извори.

-Како поинаку освен свесна намера може да се толкува објавувањето на судскиот записник од страна на Кежаровски, кој истиот го објавил во списанието „Репортер 92“ во два последователни броја.Со тоа Кежаровски во повеќе наврати објавил, име, дел од телефонски број, и останати податоци кои го скицираат, сликаат и откриваат иденитетот на сведокот Бреза кого го довел во опасност по живот, за што се жалел и самиот сведок. Сведокот Бреза се споменува во неколку наврати и во случајот со селанецот од Долно Лисиче и во случајот со палење на продавница, за разбојништво врз поштар, за убиството во Ореше, а во својот текст во „Репортер“, Кежаровски дал и други информации со кои покрај објавувањето на името на заштитениот сведок Бреза, јасно го оцртува и го скицира ликот на сведокот со кој го доведува во опасност по живот од страна на лица кои сакаат да го загрозат.Скопските судии од јавноста бараат да не бидат анатемисани без притоа во предвид да се змеат сите правни аспекти и доказите при осудата на новинарот Кежаровски. За нив нема дилема дека новинарот го прекршил законот и со тоа предизвикал опасност по друг живот – објави Канал 5.
Новинарите и дел од јавноста реагираат на осудата на Кежаровски. Во знак на протест поради затворската казна за македонскиот новинар утре во 12 часот и 5 минути тие ќе се соберат пред зградата на Музејот на ВМРО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


