СДСМ повторно укажува дека националниот сервис, Македонската радио телевизија, известува селективно и пристрасно. Наспроти законската обврска за обезбедување еднаков програмски простор на сите политички субјекти.
Последен пример е вчерашното гостување на министерот за финансии, Зоран Ставрески.
Во Вестите на МТВ гостуваше претставник на Владата кој промовираше владини економски политики и ги коментираше и критикуваше, меѓу другото, промовираните економските мерки на СДСМ, а не беше повикан претставник на СДСМ, предлагачот на мерките, да ги објасни економските политики на СДСМ.
Од СДСМ прашуваат дали е тоа новинарски професионално, непристрасно и објективно известување на граѓаните?
„Бараме, се вели во соопштението на СДСМ, уредувачкиот колегиум на МРТВ и главниот уредник на информативната програма на МТВ, Горан Петрески, да ја почитуваат обврската, Македонската телевизија да известува објективно, овозможувајки дебати според Законот за радиодифузија“.
Во Законот за радиодифузна дејност јасно е наведено дека:
„Заради остварување на јавниот интерес МРТ е должна да обезбеди програмите што се произведуваат и емитуваат да бидат заштитени од какво и да е влијание на власта, политички организации или центри на економска моќ“.
Истиот закон наложува:
„МРТ е должна при создавањето и емитувањето на програмите да се залага за слободата и плурализмот на изразување на јавното мислење“.
Господине Петрески,
Бараме одговор, дали е став на националниот сервис, Македонската телевизија, да ги игнорира активностите, настапите, ставовите и програмата на опозицијата? Какви се тие професионални емисии во кои гости ви се само претставници на Владата и нивни поддржувачи? Дали сте свесни дека претворајки го националниот сервис во партиско гласило, постапувате спротивно на Законот и професионалните новинарски стандарди?
СДСМ инсистира на еднаков простор во Вестите и во сите програми и емисии од информативен карактер. Тоа е законско право на сите политички субјекти во земјава.
Ве потсетуваме, дека радиодифузна такса плаќаат сите граѓани на Република Македонија кои имаат право на објективни и независни информации од јавното гласило Македонска радио телевизија, стои во соопштенито на СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.