Металург ги покажа сите карактеристики на голем клуб и го победи Динамо Минск со 33-29, иако не одигра добро и во препознатлив стил, пред својата публика во салата „Борис Трајковски“.
Неочекувано скопјани имаа многу проблеми во одбраната, сегмент во играта што досега им беше заштитен знак и примија дури 29 гола, а многу проблеми им задаваа одличните гости од Белорусија. Сепак одлика на големите клубови е да победуваат и кога не им оди најдобро, а Металург го стори тоа во еден од клучните мечеви за пробив во топ-16 фазата.
За среќа нападот функционираше речиси беспрекорно, домаќините со 33 гола ја наполнија мрежата на Белорусите и со 6 бода по 4 натпревари го задржаа второто место во Ц групата, зад непоразената Барселона. Каталонците денеска го добија дербито со Пари Сен Жермен со 33-29 и останаа лидери со 7 бода.
Но и тие не успеаја да слават во Скопје во салата „Борис Трајковски“, познатиот македонски ракометен бастион, што не падна ниту вечерва. Динамо Минск постојано одржуваше приклучок, се закани и дека ќе го урне скопскиот бедем, но ланскиот четвртфиналист Металург не дозволи изненадување.
Кога беше најпотребно се разиграа Мојсоски, Атман и Вугринец кои беа најефикасни со по 6 гола. Одлично одигра и Ојлевски кој пријатно изненади со играта, внесе свежина во редовите на домашниот тим, а патем беше речиси и непогрешлив од крило со 5 реализации. Ванчо Димовски е како вино, што е постар тоа подобро игра, а беше незапирлив од линијата од 6 метри и постигна 4 гола. Георгиевски постигна 3 гола, а потфрли голманот Дарко Станиќ. Творецот на многу значајни победи на „сините“ од Автокоманда“ не беше во елемент, патем нервозно реагираше во текот на првиот дел, но сепак во клучните моменти одлично бранеше неговата замена Мијатовиќ, за слатка победа од 33-29 на ланскиот четвртфиналист во ЛШ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.