Владата наскоро ќе објави нов тендер за реализација на проектот за изградба на хидроцентралите Чебрем и Галиште на Црна Река.
– Условите на новиот јавен повик за реализација на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, познат како ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, се на некој начин балансирани помеѓу потребите на државата и барањата на идните концесионери, рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека во новиот тендер не е предвидена изградбата на ХЕЦ Галиште, но се остава можност да се гради во иднина ако државата одлучи така.
Со цел да ги забрза активностите за негова реализација МЖСПП предложи Владата да ги измени условите на новиот тендер, а Владата тоа го прифати и на последната седница донесе одлука за започнување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна Река со подобрени услови.
– Новиот тендер предвидува висината на браната на ХЕЦ Чебрен да биде флексибилна помеѓу 182,5 и 192,5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 мегавати и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен – рече Адеми и додаде дека ХЕЦ Тиквеш ќе се отстапи на концесионерот три месеци по потпишувањето на договорот за концесија.
Со ваквите измени, како што нагласи, се очекува успешно завршување на тендерот кој ќе биде објавен во домашните и во еден од странските весници.
Адеди додаде дека постапката за доделување на концесија ќе ја спроведе комисија во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции од областа на водите, енергетиката, економијата, транспортот и финансиите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.